Постојат одредени модни елементи кои во неколку чекори ја трансформираат облеката во блескаво вечерно парче со луксузен ефект. Време е за елеганција и свечен стајлинг, па во новогодишната облека вметнете неколку декоративни форми.
Пердуви
Романтично и скоро декадентно, необично и воздушесто, пердувите се најдоа во зимските колекции на „Гучи“, Дрис ван Нотен и Џејсон Ву како материјал со кој се постигнува волшебна текстура. Ова е една од најинтересните тенденции на сезоната, а пердувите се доминантни на фустаните и долгите здолништа и тоа во комбинација со светкави и проѕирни материјали. Изглед совршен за дамите што сакаат да бидат поинакви и во центарот на вниманието.
Деликатна тантела
Тантелата царува меѓу вечерните комбинации и има ултимативна моќ за свечен ефект во еден чекор, па затоа често ја среќаваме на црвениот килим и важните холивудски настани. Примамливи се сите кроеви и бои, но исклучително е важно тантелата да е квалитетна и раскошна, во спротивно ќе добиете евтин изглед. Најмногу е застапена кај Долче и Габана кои сезонава како да ги погодија сите трендови, а редовно ја има и кај Ели Саб, Џулиен Мекдоналд и „Валентино“.
Светки
Високиот сјај на ткаенините и украсеноста на облеката со светкави камчиња и пулејки е врвен елемент на луксуз, се разбира доколку не се претера и не премине во кич. Иако е најочигледен избор на ткаенина за свечени настани, светките треба да се дозираат зависно од вашиот стил, пригодата и возраста. А во соодветна доза, тоа е оној магичен фактор за новогодишен изглед во кој ќе танцувате до доцна во ноќта.
Нема коментари