Една од придобивките на влијанието на уличниот стил врз модната индустрија е тоа што многу од практичните и удобни парчиња добија поширока примена и нов дизајн. Mеѓу нив е и воведување на патиките во секоја сезона и во повеќе пригоди… Ако до пред неколку години не можеше да се замисли дневен, бизнис, свечен или вечерен изглед комбиниран со патики, сега тоа е must have додаток на секоја урбана девојка… особено на тие од улиците на Милано, Париз, Лондон, Москва и Њујорк, што преку Инстаграм и другите социјални мрежи ги следиме секојдневно. Стајлинзите на влијателните блогери и модни уредници не може да се замислат без добар модел на „ранерки“ или фитнес модел на Nike, Adidas, Converse или на New balance.
Колку и да изгледа „грубо“, со избор на содветен модел и со умешно комбинирање со другите парчиња, може да се постигне урбан и трендовски изглед. Сезонава ви препорачуваме да ги носите со хеланки или тесни фармерки, со џемпер или блузон со нагалсен волумен. Овие спортски обувки одлично стојат и со памучно припиено миди здолниште или фустан до под колена. Стајлингот комплетирајте го со еднобоен капут.
Спојот на капутот и патиките е стилски баланс за топла и удобна зима. Од една страна на вагата е елегантниот и отмен изглед на капутот, кој покрај тоа што штити од студ, го комплетира модерниот зимски изглед, а од другата е удобната спортска нота што ја носат патиките, со кои се олеснува движењето. Совршен спој за современата урбана девојка, која во суштина е елегантна, модерна и има потреба од удобност.
Изборот на бојата и моделот на патиките не мора стилски или тонски да биде врзан со капутот. Тие може да бидат во неонски впечатливи тонови, а наметката -еднолична сива, или пак во есенски нијанси на портокалова, кафена, темноцрвена, темнозелена… Миди и макси капутите, кои се препорачуваат оваа сезона, изненадувачки добро одговараат со патиките. Се прави симпатична рамнотежа меѓу елегантниот крој на капутот и спортската форма на патиките. (А.Н.)
Нема коментари