Храбрите девојки оваа есен носат црвени чизми, а уште посмелите-модел висок над колена. Овие впечатливи обувки, кои отскокнуваат од целиот стајлинг, а притоа совршено се вклопуваат во сечиј имиџ, се актуелизираа за време на одржување на модните недели во Копенхаген, Њујорк, Лондон, Милано и Париз. Речиси секоја трета трендсетерка се појави со чизми во црвена боја, без разлика дали стануваше збор за модел до глужд, кожен широк дизајн до колена или долга чорапа- варијанта над колена. Можеа да се забележат чизми со коцкаста потпетица и заоблен преден дел или пак со шпиц и висока тенка штикла. Имаше и такви што избрале дизајн со вез или додадени бисери, циркони и метални нитни. Покрај трендовскиот целосно црвен стајлинг, за кој се решија смелите блогерки, овој модел со носи со актуелните карирани парчиња, џинс, со констрасни бои, светлорозова и виолетова, како и со целосно бела или црна комбинација. Корално црвената боја, која се враќа во ормарот оваа сезона, ќе го разигра и освежи помалку мрачниот и едноличен есенски тоналитет (во сива, црна, кафена и други темни нијанси). *Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари