Четири декади откако Дајан фон Фурстенберг го лансира еден од најносените модели на фустани, со преклоп, сè уште е омилен меѓу дамите. Удобен, прилагодлив на секое тело и практичен за секоја пригода, фустанот на преклоп, е меѓу најзастапените на црвениот килим, но и во секојдневните варијанти.
Една од најголемите обожавателки на фустан кој се преклопува од предната страна и се врзува кај половината, е Кејт Мидлтон, која се одлучи за овој модел дури и на својата веридба со Принцот Вилијам. Војвотката од Кембриџ, која важи за една од најубаво облечените дами, често може да ја видиме во ваков дизјан. Се покажа како одличен избор во периодот додека беше бремена со своето прво дета, а се очекува дека често ќе му се навраќа и во втората бременост. Тој совршено прилега на нејзиниот минималистички и елегантен имиџ. Најчесто го комбинира со еднобојни чевли и некое палто или капут, со дискретен накит.
И првата дама на САД, Мишел Обама често ја гледаме во фустан на преклоп. Таа докажа дека за да се изгледа елегантно и официјално не е секогаш потребно да се носи крут костум, и дека бизнис-изгледот може да се долови и со памучен фустан или модел од жерсе што ги следи облините на телото и е едноставен за облекување, без патент или копчиња. Се среќава во повеќе должини, но омилен е тој до колена, иако често славните бираат и долги свечени варијанти.
Ваков модел можевме да видиме и на црвениот килим на отворањето на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола минатиот викенд. Директорката на фестивалот, Лабина Митевска, се одлучи за долг црвен фустан на преклоп со потпис на нашата дизајнерка Александра Митковска. Ова беше еден од најдобрите модни решенија на настанот.
На светските премиераи, модни настани и коктели славните актерки, модели и пејачки често избираат фустан на преклоп. Тој е погоден пред се зашто ја истакнува жеснвеноста, Многу често е до длабоко деколте, а самото обвиткување околу половината го нагласува сексапилот. На црвениот килим со ваков модел одушевија Наоми Вотс, Наоми Харис, Блејк Лајвли, Џулија Робертс, Амбер Валета, Каролина Куркова и други. Во своите секојдневни го вметнаа Миранда Кер, Роузи Хантингтон-Вајтли, Никол Ричи…Тој е избор и на модните блогерки, како Кјара Ферањи, и на трендсетерките „уловени“ на улиците на големите модни центри.
Покрај истакнување на женственоста, со овој модел може да се сокријат и некои од недостатоците, како рамната половина, вишокот килограми или надуеното стомаче. Практичен е и за трудниците, бидејќи може да се носи подолго време и е прилагодлив на промените на телото. За време на својата бременост ваков фустан носеше актерката Селма Блер, а сега го носи и Зое Салдана. (А.Н.)
Нема коментари