Скапоцените метали може да се носат и како облека, нели? Златната, сребрената и метализираните ткаенини во други бои секогаш привлекуваат внимание, а светкавите креации се ефектен избор за гламурозен, вечерен изглед или новогодишен стајлинг. Дел од колекциите за следната сезона беа посветени на блескави модни парчиња кои веднаш им се допаднаа на стилските ѕвезди Џована Батаља, Кејт Босворт и Никол Ричи.
Според дизајнерите и стилистите, постојат три начини како да ги носите златната или сребрената, а да не изгледате како диско кралица од 70-тите… Најсигурна варијанта е кога е металик-модата ја примате во мала доза, како детаљ. На пример, сребрена клач-чанта или металик-чизми, но внимавајте, остатокот од облеката треба да е во едноставен стил. Може да изберете само едно светкаво парче облека – сребрено мини здолниште со необичен крој, јакна со метализиран финиш или џемпер со златни нишки кој е исто така голем тренд оваа зима. Најсмелите ќе изберат комплетен металик-изглед, по примерот на Никол Ричи и нејзиниот сребрен фустан или некој светкав комплет од колекцијата на „Ланвин“. Но, во овој случај, подобро е да се изостават модните детали. Прочистениот стајлинг е покул!
ФУСТАН
Брилијантни идеи за металик-фустани видовме во колекциите на „Ланвин“ и Хајдер Акерман, а модната стилистка Тина Леунг и Никол Ричи ни покажаа како се носат светкави модели во дневна и во вечерна пригода.
САКО
Кејт Мос и Кара Делевињ ни демонстрираат како се носи светкаво сако и тоа во комбинација со панталони од истиот материјал, додека актерката Елизабет Олсен сакото го искомбнира со обичен бел фустан.
ЈАКНА
Моторџиската јакна со металик-изглед изгледа одлично преку ден. Малку спортски, ама и откачено, одлично им стои на уредничката на американското списанието Lucky Ева Чен и на блогерката Аманда Шедфорд.
КАПУТ
Гламур од глава до петици… Џована Батаља и Кејт Мос изгледаат навистина впечатливо во златен и сребрен капут, додека тотално сребрен изглед предложи и Албер Елбаз во колекцијата на „Ланвин“.
ЗДОЛНИШТЕ
Со мини или должина до колена, здолништето во металик-тренд е навистина „кул“. Комбинирајте модел во сребрена боја, по примерот на блогерката Феј Цуи и актерката Кејт Босворт, или изберете комбинација од виолетова метализирана ткаенина од колекцијата на „Ланвин“.
ТОП
Блуза, маица или необична кошула, може да блеснете и во горниот дел од облеката. Дизајнерот Филип Лим за сезоната пролет-лто 2014 предложи кошула без ракави во сина металик-ткаенина, а манекенката Кара Делевињ веќе ја следи тенденцијата со овој сребрен топ. Горниот дел во металик-стил е погоден за почетниците во овој тренд – едноставно комбинирајте го со црни или бели панталони и со класично сако.
МОДНИ ДОДАТОЦИ
Сакате да го вметнете овој тренд во вашиот стил, ама да не изгледате премногу нападно!? Тогаш одлучете се за детали во златна или сребрена боја, чевли со металик-апликација, сребрена чанта или необични златни сандали по примерот на модната уредничка Ана Дело Русо.
Нема коментари