Необичното пријателство меѓу мајмунот Коко и чуварот на Зоолошка градина Цобе и нивниот живот во превртениот транзициски свет, се центар на дејството на „Година на мајмунот“, новата комедија на реномираниот режисер Владимир Блажевски, автор на култниот македонски филм „Панкот не е мртов“.
Мајмунот, кој од Зоолошката градина завршува низ улиците на Скопје, и продолжува да патува низ живописните предели на Македонија, како и низа карикатурни ликови, едно необично комбе, неколку протести, и чудесна роденденска прослава, пропратени со пиктурална фотографија и звуците на „О соле мио“, се само дел од моментите што ги прикажува двеминутниот трејлер за оваа комедија на апсурдот.
Филмот, кој ќе ја има својата премиера на 19 април, во рамките на 21. издание на Скопскиот филмски фестивал, е копродукција на Македонија, Србија, Словенија и Косово, и е поддржан од Еуримаж. Се снимаше во 2016 година на околу 80 различни локации низ Македонија. Главната улога ја игра Игор Ангелов, а во екипата се појавуваат актери од Македонија, Србија, Словенија и Хрватска.
По официјалната премиера, „Година на мајмунот“ ќе продолжи да се прикажува во киносалите на Синеплекс, почнувајќи од 20 април. Филмот ќе ја има својата светска премиера на 23 април на еден од најреномираните и најстари светски филмски фестивали – Московскиот меѓународен филмски фестивал.
Нема коментари