Вториот дел од култниот британски филм „Треинспотинг“ ќе го отвори новиот фестивал на британски филм PlayUK, кој во организација на Британскиот совет ќе се одржи од 16 до 19 февруари во Младинскиот културен центар . Публиката во шест градови во регионот (Скопје, Белград, Подгорица, Призрен, Сараево и Тирана ) ќе може да проследи десет премиери на филмови на британски автори, кои привлекуваат големо внимание на најпознатите филмски фестивали во светот. Во период од четири дена илјадници страствени љубители на киното ќе имаат можност да ги доживеат најдобрите современи британски играни и документарни филмови.
Филмот „T2 Треинспотинг“ , кој е продолжение на еден од највлијателните филмови од 90-тите години е во режија на Дени Бојл, а ги обединува оригиналните ликови кои ги толкуваат Јуан Мекгрегор, Роберт Карлајл, Џони Ли Милер и Јуан Бремнер.
-Тематски, PlayUK има повеќе нивоа. Бидејќи светот се соочува со брзи промени, а политиката воспоставува нови односи на целата планета, нашата цел е да вклучиме филмови што ја слават човечката издржливост и способност да најде одговори и решенија во тешките ситуации. Друго ниво на фестивалот е силното влијание на британската музика во овој дел од светот. Затоа ќе прикажеме филмови што се фокусираат на музика, музички бендови, нивното наследство и влијание на нашите општества. Конечно, PlayUK го слави филмот како уметничка форма, медиум приспособлив на промените предводени од новите технологии. Филмот постојано се менува и си го пронаоѓа патот во понатамошното зближување на публиката. Името на фестивалот PlayUK беше избрано на јавен натпревар организиран од страна на Британскиот совет во земјите од регионот во кои ќе се одржи фестивалот. Тимот на Британскиот совет доби повеќе од 470 кретивни предлози и го одбра предлогот доставен од Огњен Радуловиќ од Црна Гора. Како награда, Британскиот совет ќе организира приватна проекција на еден од фестивалските филмови за Огнен и дваесет негови пријатели-велат организаторите.
Нема коментари