Средношколци од 38 училишта во Македонија ќе ги престават своите креации изработени со реупотреба на материјали на шестото издание на манифестацијата Trash Fashion Macedonia, што ќе се одржи на 2 јуни од 17 часот во Младинскиот културен центар. Настанот во организација на Здружението на граѓани ОХО традиционално се одржува по повод. Учениците веќе четири месеци минуваат низ процесот на собирање, рециклирање и изработка на своите оригинални модни дизајни на тема „Филмски и цртани ликови“, а ќе добијат можност да се претстават со настап од најмногу 60 секунди.
Целта на Trash Fashion Macеdоnia е на иновативен начин да ги поттикне средношколците да ја развијат свеста за заштита на животната средина, собирајќи го отпадот околу нив и да креираат оригинални модели преку неговата реупотреба. Trash Fashion Macedonia е единствен настан од ваков вид во Македонија, за кој покрај македонските медиуми, објавуваат и повеќе светски медиуми како The Telegraph, Guardian, World Fashion и Gironalettisimo.
Прво, второ и трето место годинава ќе додели тричленото жири во состав: Бранислава Јанковска од Швајцарска Агенција за Развој и Соработка, Катарина Ивановска – светски познатата манекенка и Бојан Трајковски – фронтменот на Eye Cue.
За време на гласањето ќе настапат ученици на музичкото училиште Music House, a со своја танцова точка ќе ни се претстават членовите на Центарот за модерни и спортски танци „Прима Данца“.
Trash Fashion Macedonia 2016 е наменет за сите средни училишта кои се вклучени во програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ која ја имплементира ОХO во соработка со Министерството за образование и наука на Република Македонија.
Минатата година првото место го освои креацијата Teenage Nike – The goddess of Freedom, корсетиран фустан од килограм стари весници во комплет со крилја од опаковки од смоки, тетрапак и чипс, дело на тимот од „Интернационалното средно училиште“ од Скопје. Второнаграден беше тим од училиштето „Неготино“ од полошкото село Неготино кој се претстави со „Класична облека“, односно машки костум, кошула, елек и вратоврска комплетно изработени од хартиени вреќи. Третото место го освои училиштето „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка за моделот „Приказна за милионите шишиња“ за кое употребија 200 пластични шишиња, како и пенкала, жетони, сложувалки, линијари, боици и друг школски прибор за креирање наметка.
Нема коментари