Стара хартија, пластични цевки, ренгенски снимки, најлонски кеси, електронски отпад, ленти од апчиња, кутии со мов, падобранско платно, стари крпи или преку 1.000 килограми различен вид на отпад беше искористен да се создадат 45 модни креации од вредните раце на средношколци од исто толку училишта низ Македонија, креации што вчеравечер беа прикажани на модно шоу на четвртиот по ред настан наречен Trash Fashion Macedonia. Модната ревија што се одржа пред бројна публика во дансинг-салата на МКЦ е во организација на „ОХО“ во чест на 5 јуни, Светскиот ден на животната средина.
Ревијата на парчиња направени од редизајнирани материјали од отпад имаше натреварувачки карактер, а жирито во состав Франк Видекер, регионален советник во Амбасадата на Швајцарија, Александра Младеновиќ-Костиќ, директор на програмата „Интерграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“, модната креаторка Росица Мршиќ, музичарот Тони Зен и модната стилистка Цаци Паковска додели 4 награди. Првото место го освои моделот Not Another Princess од улилиштето „Јосип Броз Тито“ од Скопје кој беше изработен од искористени ленти од апчиња и стари крпи, потоа моделот „Марија Антоанета“ направен од картони и кутии за јајца од страна на учениците од „Никола Карев“ од Скопје го освои второто место, а третото му припадна на училиштето „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка за моделот „Касипеи“ за чие креирае беа употребени фискални сметки и кибрити. Беше доделена и награда за најдобар моден додаток – ланче изработено од стари цд-а, дело на учениците од „Димитрија Чуповски“ од Велес. Наградниот фонд го обезбедија партнерите на настанот – Стопанска банка, „Фабрес“, „Божиновски часовници и накит“ и „Охо“.
Средношколците креираа облека и модни додатоци од различен вид на стар отпад и се инспирираа од повеќе теми и ликови како Клеопатра, Марија Антоанета, Фрида Кало, но и архетипи на принцези, урбани девојки, антички македонски воин. Преку овој проект се поттикнува креативноста кај младите, но што е уште поважно се зголемува општествената свест за зачувување на животната околина и намалување на отпадот преку негова реупотреба. Тимовите од средните училишта на своите креации работеа во последните три месеци, а сами се погрижија за претставувањето и стилизирањето на својот изглед. Моделите се претставија на модна писта која во духот на настанот беше „украсена“ со стари водоводни цевки, а беа пропратени со роботски аудио-визуелни ефекти преку кои беа најавувани информации за креациите.
Trash Fashion Macedonia 2014 што се одржа на Светскиот ден на животна средина оваа година е дел од настаните на листата на Обединетите нации, од програмата за животна средина UNEP. Настанот го организира „Здружението на граѓани Охо“ и е дел од „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем,“ која се реализира во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за образование и наука на Република Македонија. Исто така Stylist.mk во рамките на Trash Fashion Macedonia 2014 одржа кусо предавање за реупотреба на старата облека и работилница за редизајнирање во која учествуваа 150 средношколци кои создадоа креативни решенија од стара облека и модни додатоци.
Нема коментари