Секогаш е пријатно кога ќе видиме модели на домашни дизајнери во интернационални модни изданија, а деновиве ги уловивме креациите на Ирина Тошева и Ивана Кнез во Eluxe Magazine, како и еден модел на Горан Сиџимовски во REV Magazine.
Цветен фустан од колекцијата „Вила“ на Ирина Тошева и рачно боена бежова туника на Ивана Кнез се дел од фотосесија снимена во Париз за принт изданието на Eluxe Magazine. Двете дизајнерки кои продаваат свои креации на Bastet Noir и веќе се препознатливи на нашата дизајнерска сцена, се појавија во магазинот кој функционира на седишта во Лондон и во Париз и кој ги застапува принципите на еколошка мода.
Очила за сонце од плексиглас во креација на Горан Сиџимовски се појавија во REV, магазин за мода и уметност кој што го подготвува тим што работи на релација Хелсинки-Њујорк и кој има принт и дигитална верзија. Фотографијата со модел на Сиџимовски е дел од машки моден едиторијал на фотографот Едгар Берг. Горан препознатлив по колекциите на авангарден накит во моментов е во Берлин каде што студира моден дизајн на Универзитетот за применети науки.
Нема коментари