Македонската дизајнерка, која работи за брендот Saitis, се приклучува на серијалот на Stylist.mk во кој нашите креатори, стилисти, модни уредници, новинари и блогери предлагаат пет модели за актуелната сезона. Елена Додевска, која ја паметиме и како основачка и уредничка на модниот сајт stylefiles.mk, во листата со топ-трендови за пролет-лето 2014 ги вбројува: кратките маици, шпиц балетанките, поштарска торба преку рамо, мала марама врзана околку вратот и палто без ракави.
1.Кратки маици
Актуелната пролет-лето сезона е одлична за девојките кои редовно ја посетуваат теретаната. Па доколку сте дел од нив слободно покажете го трудот кој сте го вложиле преку целата зима и облечете “пресечена” топ-маичка. Тенденцијата прв ја постави Николас Гескуере во неговата последна ревија за „Баленсијага“ пред две сезони по што ова парче стана глобален тренд кој ќе ја достигне својата кулминација оваа сезона.
2. Шпиц балетанки
Да го ставиме на страна комфорт факторот, ова парче е одличен транзициски пролет-лето тренд кој мора да го пробате оваа сезона. Шпиц балетанките визуелно ќе ги издолжат вашите нозе, потребно е само да ја пронајдете вистинската комбинација. За некој тоа можеби е фустан или здолниште со „А” силуета, а за некој „чино” пантолони со класичен кежуал кроји должина до глуждовите. Која и да е вашата комбинација комфорот и шик изгледот се загарантирани.
3.Поштарска торба преку рамо
Почнувајќи од изминатата есен-зима сезона, овој тренд сè почесто го гледам на познатите личности и модните блогери. Има и зошто, „поштарската торба” префрлена преку едно рамо пред сè е практична и ви дава слобода на движење на рацете, а со тоа и ненаметлив лежерен изглед. Овој тренд имаше и неколку обиди на црвениот килим, така што е одличен и за вечерни излегувања. Малата и шик плик чанта овојпан наместо во рака префрлете ја преку рамо.
4.Мала марама врзана околку вратот
Мајкл Корс, „Проенза Скулер“, Марк Џејкобс , Александар Венг и уште ред други модни имиња го наметнаа овој тренд кога пред шест месеци ги претставија своите пролет- лето колекции. Така што, малата марама врзана околу вратот повеќе не е само задолжителен акцесоар на стујардесите туку еден од најактуелните трендови овој период. Ова парче може и да ви послужи како замена за масивните гердани или „чокерите” од 90-тите, кои исто така се многу актуелни. Дали ќе се одлучите за еднобојна свилена марама, класична вестерн „бандана” или софистициран принт останува на вас.
5. Палто без ракави
Колку и да звучи апсурден поимот палто без ракави, и колку и да мислите дека е тотално непотребно и без посебна функција, размислете уште еднаш. Слободно обвинете ја Викторија Бекам која уште во својата есенска колекција за 2013 го наментна трендот. Достапни во различен крој и должина, спортски, деним или класични палтата без ракави се одличен додаток за инстант трансформација.Повеќе нама да има потреба да се откажете од палтото кога правите избор за работната гардероба, во палтото без ракави ќе се чувствувате пријатно дури и на +30 С. Изберете палто со остар крој и нагласени рамена во комбинација со романтичен флорал фустан, на ова може и да додадете колан доколку сакате да ја потенцирате половината.
Нема коментари