Иако многумина ја сакаат зимата, поради слоевитото облекување, што значи експериментирање со повеќе парчиња облека одеднаш, главната и одговорна уредничка на модниот магазин Unique, Ивана Попоска, е фан на Сонцето. Вели дека само тоа може да ја инспирира да се дотера. Списокот од парчиња облека што сака да ги набавам за оваа пролет е дефиниран, а би стартувала со….
1.Cagе (римјанки) сандали
Ми се допаѓаат сандалите што во целост го откриваат стапалото, особено педикирот за кој сум одвоила време. Особено ми се допаѓаат оние со висока потпетица, едноставни, еднобојни, без реси, циркони, цветови, со висина до глужд. Подеднакво добро стојат на фармерки или ретро бујно здолниште, а оваа пролет најмногу би ги носела со широки панталони до колена.
2. Bucket Bag
Нешто помеѓу ранец и чанта, тоа е домот што го избирам за сите дрангулии без кои не излегувам од дома. Одлично идејно решение што можете да го носите од утро до мрак, на патики, балетанки, високи потпетици, па дури и со апостолки на плажа. Особено признание за механизмот на затворање (разлабави или стегни – една врвка врши работа) што особено ми годи кога го шетам кучето во парк.
3. Прстенче за секој прст
Како што претпоставив, „Шанел“ успеа да ги зарази девојките со прстените на делови. Не можете да не ги сакате, ги купувате еднаш, а ги носите во различни варијанти. Подеднакво добри се оние во форма на крст, лист или цвет, но лично ги преферирам едноставните, мазни, златни прстени со различна висина. Да, навистина е предизвик да работите со нив, но кој не е спремен да ризикува за мода?!
4. Мантил со дезен
Ако е еднобоен, ќе сакате да го носите откопчан за да покажете што носите под него, барем јас. Но, ако е со интересен принт или дезен, тогаш со задоволство ќе го носите закопчан. Чевли во боја, едноставна чанта и нема да поминете незабележани. Монохроматски, крем со црни ракави, цветен, а ако сте за еднобоен, нека биде барем пастелен. Излезете од шемата на крем, црвено и црно.
5. Бејзбол капче
Вистински спас за деновите кога сте скарани со четката и фенот. Ги сакам машките моменти во женските комбинации, а особено комбинирањето на спортско со елегантно. Вакво капче слободно можете да носите со високи потпетици, краток или долг џинс или комбинезон. Оние посмелите нека го носат и со кожено тесно здолниште.
Нема коментари