Ана Чаловска и Елена Везенкова, кои изминативе седум месеци успешно ги „ловат“ урбаните скопски фаци и го претставуваат нивниот моден стил на сајтот „Скопје се носи“, се во фокусот на рубриката „Стилска листа“ на Stylist.mk. Двете, поединечно, ни открија кои се петте модни парчиња без кои не можат оваа есен-зима 2014/15. Погледнете како се носат девојките од „Скопје се носи“.
Топ-5 на Ана Чаловска
1. Пончо
Инспирација за пончово добив од материјалот од кој е направено, поточно сошиено. Често ми се случува да навратам во „Матекс“ и да си разгледувам материјали. Два-три ми „паѓаат“ во очи и потоа веднаш си проектирам модел за шиење. Ритуалов ме одмора. И сакам кога некој штоф кој е наменет за нешто засебно од облека, да го искористам за она што веќе ми е на ум. На пример, материјалот од пончово е погоден за ќебе, ама зошто па да се ограничиме? Затоа делува топло и комотно и навистина е така. Добра варијанта е кога има џебови. Во постудени денови го носам одоздола со јакна, а кога и не е така ладно го комбинирам само со џемпер или пак и сако е добра комбинација. Над фармерки, со кафени чизми со реси, на пример. Испробано.
2.Маица од превртена кожа
Јас ја одбрав во маслинесто зелена боја. Ми се допаѓа нејзиниот крој, напред е пократка, а назад за нијанса подолга. Добра комбинација е со црни, тесни фармерки со висок струк и бомбер јакна. А исто така и со кожно, црно здолниште.
3.Чизми
На нет скролајќи по еден tumblr налетав на следново: „You are either in your bed or in your shoes, so it pays to invest in both.” Од John Wildsmith е, кој е изработувач на чевли, и изјавава му „држи вода“. Една вечер имавоткритие на добар спој со хулахопки, црни, дезенирани, во штрафти,а горе во комбинација со сив или црн, лежерен блуза-фустан- Пробајте! Четири пресудни детали: материјалот, коланот, елегантната нишка што сепак ја поседуваат. А детаљот со маскирниот принт? Ја вади картицата од паричникот, тоа е…:) Иако се поспецифични, имаат „сто и една“ комбинација и секоја е свежа и така добро им прилега! Во глава ми се врти уште една, малку посвечена варијанта, и тоа со црвено кадифено фустанче со гол грб…непресушна инспирација се.
4.Наметка
Наметкава ми е од Гаго (Драган Христов), од дизајнерскиот бренд „Лудус“. Моето омилено парче. Ќе се облечете покомотно, да речеме, фармерки, џемпер и кратки чизми, ќе ја натнете наметкава и резултатот е: шик и префинетост. Материјалот, повторно е од „Матекс“, и боите се мој избор и одлично се вклопија. Може да се комбинира и со кожени црни панталони, и во овој случај ми се допаѓа диво-дамскиот микс.
5.Бунда
Кога првпат ја облеков бундата имав „напад“ од прашања: „Природна е?“ „Ауу се надевам дека е од вештачко крзно!“ – Е секако де! Едно време се зезав дека ми е од крзно од чинчила.:) Без разлика, многу топли и оваа зима ќе ѝ ја „извадам душата“!:) А имам повеќе омилени комбинации со неа. Една од нив е со карирани, тесни панталони во темносина и темнозелена варијанта, кои имаат панк момент, со темнозелена блуза или пак темно виолетов џемпер, црни чизми или пак чевлите кои ги издвоив. Тука вклопувам и голема, металик-сива чанта.
Топ-5 на Елена Везенкова
1.Мартинки, Мартинки, Мартинки
Со тој жолт конец, нема утка! Поготово ако се со челик на врвот! Знаевте дека прв пат кога излегле „мартинките“, (после Втора светска војна) поради удобниот ѓон биле особено популарни меѓу домаќинки и на продажбен попуст од 80 отсто за жени над 40 години?! И дека прототипот мартинки „Style 1460”, прв пат произведен во 1960 година во Велика Британија се произведува и ден денес?! Моите „мартинки“ личат на „пастув со педигре“. Кафени се, превртена кожа и секако, со челик. Само пробај да одиш брзо со нив, тежат еден тон! И колку се поиздраскани толку се поубави и по „мои“. Дење-ноќе ги носам. Беа последни и едвај се наѕираа од најгорниот рафт, таман колку да ми намигнат само на мене.
2. Кадифе
Елек, блуза кропната, торбести панталони, наметка – од кадифе или плишани. Специфични се како материјал, а маркантни како модни парчиња. Само внимателно затоа што „знаат“ да бидат зезнати. Може и да делуваат театрално дури и гротескно или пак да не се баш ретро моментот кој посакувавте да го постигнете… Ако успеете со материјаливе тогаш сте доветен моден гуру! Јас лично не се откажувам од нив, „експеримент“ ми се уште од лани… па ако ме гледаат попреку во град, барем ќе знам зошто!
3.Пруги
Пруги. Бре тон, по долги ракави, по кратки, под палто под oversized џемпер, под капут, какви и во кој „облик“ и да се, задолжителни се. Моите омилени „риги“ моментално се маица што буквално ја изнудив од братучед ми – цела е дупки но ги има совршените линии! Ми кажа, „ја носам само за вежбање, кај и да е маицава ќе завршеше во канта!“ BTW, крупен е и висок 190 см, па сега видете колку е oversized маицата… ја сакам фотографијава иако маицата едвај се гледа, битно стилизирана ми е со „осмех“ :) Инаку, риги одат мнооогу добро и со шљокици!
4.Чорапи над колена
Прв пат ги облеков неколку дена пред да наполнам 10 години. Доказ, фоткава. :) Сега ги носам со бунда, долгa под колена камел/песок боја капут, Бомбер-пумпареста јакна. Одат на било какви чевли, рамни, ниски, чизма над глужд, со или без потпетици.
5. Темновиолетов кармин
Темновиолетов, „мат“ кармин. Најтемен. Крај! Едно mwa на огледалото пред искачање, и чао! #selfie, журим!
* Бонус парче
Kaaaде без црна кожна јакна?! Нека биде најдобрата што можете да си ја дозволите, инвестиција што нема да ја жалите… Црна кожна јакна е „кул“ и „самоуверена“ и тоа се две карактеристики што автоматски штом ја облечете се проектираат и на вас колку и да не сте во тој фазон. Ултраактуална сезонава, а всушност безвременска, црна кожна јакна е нешто што секој/а мора да има. Преку планини и мориња стигна до мене и претргав куп трауми за неа, но нели таа е кожната јакна на мојот живот.
Нема коментари