Автентичноста е квалитет кој високо се вреднува во модата и во креативниот процес на модните дизајнери, токму „Автентичност“ е темата на традиционалната завршна ревија на студентите на Институтот за текстилно инженерство при Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје, кои работеа под менторство на проф. Лидија Георгиева и деновиве ги презентираа своите завршни креации.
Преку нивните оригинални креации, меѓу кои и 3Д печатени дизајни, изработени за прв пат со помош на 3д принтерите во Ино Фаб Лаб – лабораторијата на институтот, се обидоа да размислат и да предложат одговор на современите дилеми на општеството.
Во процесот на созадавње на студентнските креации се јавија повеќе прашања за тоа што е автентично и оригинално, што значи автентичност во време на дигиталниот свет и Виртуелната интелигенција, па во соопштението за ревијата стојат следниве размисли:
„Додека живееме во атмосфера на разни оптимистички и песимистички сценарија за неизбежниот импакт на вештачката интелигенција врз нашите животи, сакавме да се запрашаме што всушност значи и како ќе одредиме дека нешто е автентично или оригинално?
Како публика и како автори, сведоци сме на секојдневно објавување на текстови, музика, цртежи, фотографии и разни дизајни креирани од ВИ, па дали сме подготвени да ја прифатиме новата технолошка реалност која галопирачки напредува кон иднината?
Можеби од тука произлегува и нашата потреба одвреме навреме да престојуваме во комфорната прегратка на автентичната емоција. Но што всушност е тоа? Дали автентичноста подразбира некое место со свои локални карактеристики, идентитет, култура и гастрономија или е тоа личност, креација, приказна, која е целосно усогласена со својата вистинска природа? Дали во дефиницијата за нешто искрено може да се прифати и креација на вештачката интелигенција? Според кои детали како дел од автентичноста се препознава веродостојноста, вистинитоста?
Или сепак, можеби автентичноста значи дека сме доследни на сопствената природа, вредности и дух, без оглед на предизвиците. Кога сме искрени со себе и со другите, ја преземаме одговорноста за своите постапки – па така, нашите вредности, идеали и емоции се усогласени. А кога свесно ги дефинираме и истражуваме нашите вредности и емоции, тогаш го прифаќаме и реалниот и виртуелниот свет како еден, тогаш сме внимателни и кон другите, различни од нас.
Автентичните нешта се потребно добро, едноставно кажано, важно е да се биде автентичен и важно е да се престојува во автентично место, тоа придонесува за нашата севкупна благосостојба, го поттикнува чувството на среќа и хармонија.
Па додека се прашуваме дали чет џипити е верна имитација на оригиналот и каде е вистината, можеме да откриваме секојдневни активности кои ќе ни го покажат патот кон автентичноста.“
Нема коментари