„Права дама”, „Колку боцки, толку приказни”, „Баш си кул”, „Само за тебе” се само дел од натписите на новите нотеси на брендот за уникатни подароци и украси „ТиноСки“ на младиот креативец Валентин Петрески. Покрај веќе добро познатите керамички производи: чаши, тацни и чајници со симпатични пораки, својот креативен опус неодмана го збогати и со црно-бели тефери и со магнетен bookmark.
-Идејата за нотес ми е одамна, како желба за уникатно парче бележник на секојдневието, запишување на сите идеи, организирање на времето и збирка на омилените работи – дури може и да си цртате. Размислував како може да се задржи автентичноста на рачното цртање а истовремено да може да се изненадат повеќе луѓе. Дизајнот за нотесите беше голема дилема бидејќи размислував на варијанта да не бидат ограничувачки и секој да може да се пронајде. Освен еден – нотесот со жирафата со човечки особини – „Права дама”, како поврзаност на особините на човекот и животните сите други три се општи но сепак конкретни. Тоа значи дека сакам секој да си ја пронајде смислата на нотесот и да си го поврзе со својата приказна. Едниот дизајн е со наслов „Колку боцки, толку приказни”. Текстот го споив со минималистички цртеж на кактуси како едни од најпопуларните растенија во моментов за разубавување на домот. Нотесот „Баш си кул” е со варијанта на мачки кои се тотално опуштени и фраерски распоредени, дури и ѕиркаат од горе. Нотесот „Само за тебе” е целосно посветен на подарување љубов, секаква љубов. И на девојка, и на момче, и на мајка, и на брат… Затоа викам дека целта е да се пронајдат сите-вели Петрески .
Како на дополнување на дизајнот на кориците има и принт на секоја страница според темата на нотесот. Така, кај нотесот „Права дама” има илустрација на парфем и ѓердан, кај нотесот „Колку боцки – толку приказни“, има кактус. „Само за тебе” има принт на секоја страница како надоврзување на насловот – „И за никој друг“. А четвртиот дизајн за „Баш си кул” има маче кое ѕирка во вашите забелешки.
-Така ми се вклопија како идеја па затоа и ги направив со приказна. Среќен сум за овој мини проект бидејќи гледам дека им се допадна на луѓето-вели тој.
Заедно со нотесот како дополнување има и магнетен bookmark, со четири дизајни по избор. Идејата му била да не бидат поврзани со дизајнот на тефтерот, а целосно да ја отсликуваат нивната улога, забележување на идеја, место, соништа, обележувачи до тој момент.
-Како пакет добро се вклопени, па сега има избор и дизајн на нотес и дизајн на bookmark. Од друга страна сакав да бидат и поразлични од стандардните, па затоа се одлучив на магнетна варијанта. Ем фраерски, ем да не се губи. Пред финалната верзија, следеа многу чкртки, преправки, дилеми за конечниот изглед. Сè што е пренесено на нотесот е рачно цртано, без било какви корекции компјутерски или потенцирање на одредени линии баш со причина да се задржи автентичноста на рачното цртање. Бидејќи не сум графички дизајнер, а сакам да си играм со слободното цртање, технички цртежите за дизајните ги средуваше моја блиска другарка во формат кој ќе биде спремен за печатење. Убаво е чувството кога во твоите цртежи се пронаоѓаат другите. Среќа е кога светнуваат идеи и ги забележувате во својот нотес. Засега нотесите може да се нарачаат на фејсбук страницата на „ТиноСки“. Сè друго ќе остане како можност за реализација. Морам да признаам дека дамата и кактусите засега се фаворит -открива Валентин.
Нема коментари