Dream a little dream е пораката на новите уникатни тапети за сонувачи илустрирани од креативката Нина Симовска, а реализирани во соработка со студиото Dagg. По успешното декорирање на разни предмети за домот, канцеларијата, велосипедите и модните парчиња, дизајнерката позната по својот концептуален бренд Just Because нацрта два дизајни кои ќе се најдат на ѕид. Овие авторски креативни решенија комплетно ќе ја трансформираат секоја детска соба во уникатен простор за нови доживувања.
- Соработката со Dagg.mk дојде спонтано. Тие имаа желба да реализираат авторски дизајни во нивната линија на производи, па така ме контактираа и излезе одлична визуелна интерпретација. Во моментов презентирани се две илустрации, а уште неколку се во процес на изработка. Ќе има избор од оние за детска соба до дневен или деловен престој зависно од желбите и побарувачката од страна на клиентите. Dagg е ново креативно студио кое примарно се занимава со изработка на декоративни ѕидни решенија наменети за ентерирно уредување на приватни и деловни опкружувања. Освен готови ѕидни решенија, работат и на развој на решенија по нарачка, па така дел од моите илустрации кои ги развиваме може да се адаптираат според желбите и потребите на клиентот-вели Симовска.
Мотивите на илустрациите, кои се дизајнирани во дигитален формат, се доследни на препознатливиот стил на дизајнерката.
Повеќето цртежи се специјализирани за оваа намена, но не е исклучено во иднина да се дигитализира некоја постоечка популарна илустрација или слика која ја имам претходно изработено. Цртањето на компјутер е дефинитивно нов предизвик за мене кој се покажа дека олеснува дел од креативниот процес и отвара една многу интересен и нов пазар на можности-вели Нина и ни открива дека во скора иднина планира за себе да направи еден посебно дизајниран работен амбиент во кој ќе вметне тапети со нејзин потпис.
Дизајнираните авторски тапети може да се нарачаат онлајн преку страницата www.dagg.mk или преку нивниот официјален инстаграм профил www.instagram.com/dagg.mk и фејсбук страницата на Facebook. Тапетите се со димензии 2.60х 2.60м.
Симовска има богато кративно искуство. Почна како дизајнерка на накит, со препознатливите парчиња со патенти, креира уникатни подароци и украси за домот, па се проба со дизајн на модни парчиња, соработуваше со Ирина Тошева, а ја водеше и концептуалната продавница Just Because. Изминативе неколку години целосно им се посвети на цртањето врз разни предмети: ѕвончиња за на велосипед, собни ламби, чаши, персонализирани чоколади, слики, ѕидни мурали и друго. Зад нејзе се три авторски изложби со илустрации, меѓу кои „Fear is a Liar“ и една инспирирана од музиката на Pink Floyd-„Is there anybody out there?”. Покрај соработката со Dagg меѓу поновите нејзини проекти се двата ѕидни мурали во новиот rooftop bar & restaurant The Loft.
Нема коментари