Романтична, елегантна, едноставна, пастелна и на моменти деловна, првата колекција на секојдневна облека на Тања Кокев ги поседува сите предзнаци на естетиката на нејзината модна куќа, а воведува нова приказна во работењето на „Кокев“. По деценско дизајнерско творење Кокев го отвора претапорте одделот со колекцијата Lovers за есен-зима 2015/16, што вчера премиерно ја претстави пред скопската публика преку модна ревија во магичниот простор на Куршумли ан. Стартот на ревијата го означи актерот Сашко Коцев кој напомена за соработката со Македонски народен театар и со Македонска филхармонија, проектот го спакува режисерот Дејан Пројковски, а Џијан Емин подговти и аранжира музичка селекција што мал оркестар ја изведе во живо.
Колорната палета на претапорте колекцијата на „Кокев“ се чини дека е невообичаена за есенско-зимска колекција, па наместо потемни бои Кокев предлага светла сезона – бели тонови, загасити пастелни нијанси и цветен мотив. За изработка користени се луксузни ткаенини од модните куќи „Валентино“, „Шанел“ и „Армани“, а моделите се движат на линија на класика и безвременски стил. Главен мотив е да се нагласи женственоста, па силуетата е дефинирана со ремени и кроеви со висок струк. Модните парчиња имаат едноставна линија и се лесно споиви и подложни за креирање безброј комбинации. На тој начин, дизајнерката нуди комплетна низа од гардероба која може да ги задоволи потребите на модерната жената за една сезона и за повеќе пригоди и настани во нејзиниот живот.
Кокев во колекцијата претстави серија на капути од кашмир и алпака во светли тонови, потоа фустани во различни кроеви во кои доминираат едноставна линија, благ преклоп, цветен дезен и високи шлицеви. Дел од женската гардероба секогаш се блузите и кошулите со панделка околу вратот и сакоата од букле ткаенина. Ефектно изгледаат здолништата кроени во круг и со линии кои се повикуваат на ретро 50-тите, но и на новооткриената желба за овие модели актуелна последниве сезони. Лесно може да најдете фаворит меѓу креациите, без разлика дали е тоа мантил-фустан, блуза со нежна цветна шара, трендовски килот-панталони, класично шанел-сако во нежна палета, или некој пар чевли со машничка кои исто така го носат потписот „Кокев“. И тој фаворит да стане вашата нова класика за модерното време.
Фотографии: Ани и Дими
Нема коментари