Супемоделите Наоми Кембел, Кристи Тарлинтон и Синди Крафорд се собираат да работат заедно на траен проект! Така барем неодамна најави Наоми, дека најпознатите манекенки од 90-тите, кои со право и гордост ја носеа суперлативната титула „Супермодели“ повторно се екипираат. Оваа информација нè потсети на таа ера кога во модата царуваа Наоми, Синди и Кристи, но и Клаудија Шифер, Линда Евангелиста, Стефани Сејмур и Кејт Мос.
Во интервју за утринската емисија „Ова утро“ на CBS TV Кембел зборуваше за блиската поврзаност меѓу супермоделите, таа и денес некои од нив ги смета за најдобри пријателки. Исто така, призна дека е тешко сите заедно да се соберат на едно место, но иако звучи невозможно, во следниве неколку недели некои од нив ќе се реобединат за да работат на специјален проект. Во емисијата Наоми не сакаше да открива повеќе детали, па останува наскоро да бидеме изненадени.
Додека го очекуваме тајниот проект, да се потсетиме на супермоделите преку овој наш избор на фотографии кои најдобро ја илустрираат нивната моќ и значение. Три моменти беа клучни за раѓањето на митот за супермоделите. Тоа е онаа фамозна црно-бела фотосесија на Питер Лингберг со Кристи Тарлингтон, Линда Евангелиста, Синди Крафорд, Татјана Патиц и Наоми Кембел за британски Vogue објавена во јануари 1990 година, потоа ревијата на Џани Версаче од 1991 годна кога во финалето рака под рака излегоа Линда, Синди, Наоми и Кристи (подоцна во неколку наврати се појавија во рекламите на починатиот Џани), а истиве девојки заедно со Татјана статусот на супермодел го зацементираа со видео спотот за Freedom на Џорџ Мајкл. На ова ако ја додадеме легендарната изјава на Линда дека не станува од кревет за помалку од 10.000 долари, јасно е дека се работи за моќни модели со милионски сметки.
Во 90-тите години супермоделите беа едни од најпопуларните личности во светот, се најдоа на стотици насловни страници, а публиката како ретко кога претходно ги научија и ги препознаваа по име и презиме. Понекогаш дури само по име. Оригиналната петорка ја сочинуваа Линда, Кристи, Наоми, Клаудија и Синди, но скоро подеднакво знајачни се и Надја Оерман, Татјана Патиц, Карен Мулдер, Хелена Кристенсен, Стефани Сејмур, Јасмин Гаури, Карла Бруни, нешто подоцна се појавија Кејт Мос, Амбер Валета, Шалом Харлоу, Кристен Мекменами, за потоа да следи периодот во кој актуелни беа Бразилките на чело со Жизел Бундхен. Некои од оригиналните супермодели, иако кариерата ја започнаа во 80-тите, сè уште се активни во модниот свет, се појавуваат на модни ревии и насловни страници. Новото време си донесе нови супермодели, но моделинг-револуција како онаа од 90-тите одамна се нема случено. Тој импакт што го оставија во современото живеење, денес ниту една нова генерација на модели не може да го надмине.
Нема коментари