Годинава, во рамките на традиционалното годишно издание на Skopje Design Week, кое ќе се одржи од 23-ти до 27-ми ноември во „Јавна Соба“, ќе имате можност одблизу да се запознаете со светот на „Форми“. Станува збор за македонски бренд, кој за прв пат се појави на нашиот пазар на почетокот на 2016 година, а сега веќе се насочува и кон меѓународен пласман преку овозможување на онлајн продажба на својата интернет страница.
„Форми“ е едукативна, рекреативна, но пред сè забавна играчка. Малите магнетни топчиња нудат безброј можности за креирање на едноставни и комплексни 3D конструкции, каде единствената граница е фантазијата. Користењето на „Форми“ од една страна го поттикнува логичкото размислување и интуитивната перцепција, а од друга неизбежно ја буди креативноста. Уште еден важен аспект е можноста за канализирање на стресот на позитивен начин, но и продуктивно „убивање” на досадата.
Во текот на четирите дена од престојниот Skopje Design Week, во рамките на изложбениот простор, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со брендот и играјќи си со „Форми“ да ја предизвикаат својата имагинација, да ја поттикнат работата на мозокот на забавен начин или едноставно да се релаксираат.
Претставувањето на „Форми“ ќе биде надополнето и со презентација, која ќе се одржи на 27 ноември, во недела, во 18 часот, а каде подетално ќе бидат претставени идејата зад производот, уникатниот дизајн на пакувањето, како и можностите и предностите кои овој бренд ги нуди.
Нема коментари