На првото издание на торинскиoт саем за современа уметност – „Паратисима“ во Скопје, што од 13 јуни до денеска се одржува во Младинскиот културен центар, Stylist.mk е официјален медиумски партнер за модната програма. Тимот на Stylist.mk во рамките на саемот организира изложба, работилница и проекција на видеа.
Изложбата, која може да се погледне во горната галерија, над бифето на МКЦ, содржи фотографии снимени за време на Super Design Pop-up Store што се одржа во МКЦ на пoчетокот на мај, каде што се претставија голем број на домашни дизајнери. Уредничките на Stylist.mk за потребите на фотосесијата направија комбинации од понудените парчиња на облека и накит од дизајнерите-учесници на модниот настан. Фотографиите и стајлингот на моделот го потпишува тимот на Stylist.mk.
Вчера Stylist.mk одржа работилница на тема „Од ателје до насловна страница“ (како да дојде вашиот производ до медиумите). На работилницата учествуваа повеќе дизајнери на накит и облека со желба да научат и практично да дознаат како најлесно да се пробијат до мејстрим медиумите, како својот прозивод да го направат интересен за пошироката јавност…
Покрај тимот на Stylist.mk на работилницата гостуваа и етаблираните модни креатори: Ненад Секирарски и Ирина Тошева, кои ги споделија своите искуства со медиумите. Се зборуваше како се стигнува до интервју или објава во весници, магазини, на телевизија, радио или на сајтови?
Во продолжение, џебното кино во МКЦ се одржа „Видеомода“-проекција на 15-тина кратки видеа направени од или за македонски дизајнери и брендови. Преку видеата беа претставени повеќе аспекти на нашата мода, како се изработуваат колекции, како се правата фотосесии или помовираат нови линии…
Фото: Stylist.mk
Нема коментари