Aсоцијацијата и моден онлајн магазин Stylist.mk вторпат по ред ќе додели награди за најуспешните на Моден викенд-Скопје (FWSK). Како и на есенското издание, ќе прогласиме победници во три категории: за најдобра колекција, најнадежен дизајнер и за најдобар манекен/ка. Во конкуренција се сите учесници на пролетното издание на FWSK. Имињата на наградените ќе ги соопштиме по завршување на последните ревии, на 11 април во „Концепт 37“. Статуетките, специјално за овој настан, ги креираат талентирани македонски дизајнери на накит: Александра Шекутковска, Јасмина Главинче и Глигор Кузмановски. Минатото издание Stylist.mk ги награди Росица Мршиќ (најдобра колекција), Бобан Илиевски- Chic Undercowear (најнадежен дизајнер) и Маја Ристевска (најдобра манекенка).
Пред доделувањето на наградите (на 11 април) ќе организираме и дебата со работен наслов; „Оригинали и копии во македонската мода“, во која ќе бидат вклучени модни дизајнери, новинари, блогери и менаџери.
Stylist.mk, кој почна со работа на 1 декември 2013 година, е специјализирaн сајт за мода, убавина, уметност и животен стил, кој функционира и како асоцијација. Во него силите ги здружуваат трите модни новинарки/уреднички со долгогодишно работно искуство во областа на модата: Катерина Трајановска, Ана Несторовска и Снежана Јаначковска-Богдановска. Приоритет на асоцијацијата и сајтот Stylist.mk е подигнување на стандардите на нашата сцена за тоа што е квалитетно и модерно; истакнување и поддршка на квалитетниот и автентичен дизајнерски и уметнчки израз.
Нема коментари