Анастасија Богдановска,
ексклузивно за Stylist.mk од Милано
„Кога свињите ќе стивнат, мажот кој носи Вивиен Вествуд ќе се огласи ”
Замислете ја Трејси Ворчестер, која сега се доближува до средната доба, пред неколку години како се качува на авион за Полска со план за делување и цел да ја разоткрие суровоста кон свињите, неефикасноста и загадувањето предизвикано од фармите во фабриките. Скриено во целост таа направи филм кој се вика „Бизнисот со свињи“. Го гледав. Можете ли да си го замислите составувањето на сето тоа? Всушност, правењето! Претпоставувам Трејси не знаеше ни од каде да започне, но пронајде начин. Јас станав доживотен пријател на Трејси.
„Ниту едно животно не треба да се роди за да страда; тоа беше како масовен Бедлам за свињи: болест, смрт и лудило – на свињи. Не ни треба ова да ни се случи.”
Еден поинаков вид на прес-објава нè пречека на седиштето во првиот ред на ревијата на Вивиен Вествуд за сезоната пролет-лето 2015 на Миланската недела на машка мода, која во прво лице зборува за побудата, а не за колекцијата; за документарен филм и тешкотијата на творењето, а не за мода и леснотијата на чекорењето; за суровоста, преживувањето и исполнувањето на личните потреби, но како храна и инспирација, а не лични задоволства.
Секогаш е итригантна можноста да се проследи ревија на Вествуд, подбуцнување на сетилата, будење на фантазијата, и патување сè до оживување на свеста, но и совеста. На екранот имаше прасенце под кое пишуваше: морален бес! Црвено, алудирајќи на жесток порив и крвав извик!
Се меша сè, што за Вивиен и не е необично, но се достигнува ниво на елеганција со која пораката станува подиректна. Маж кој борбата ја започнува мирно, во синило кај класичните панталони и фини и лесни гриж плетки. Сјајноста во костимите ја одржува сериозноста, но страста се разгорува со воведување на карирани и крупни зажарeни шари. Реси, лен, крупни сламени шапки и раскинати плетки ја доведуваат фармата во модните искази. За игривоста на силните бои кај крупните цветови и со истенчена умешност преклопените фалти да ја отворат раната на борецот за правата на свињите.
-Она што мене ми се допаѓа во колекцијата е што е многу оптимистичка, тоа е маж што е активист, кој е таму, надвор, кој се бори нешто: за околината, за добри цели, и знаете, како што потенциравме во оваа сезона, тоа е за бизнисот со свињите и фармите за животни, затоа што е многу многу сурово тоа што се случува низ светов. Има толку многу документарци за тоа, и ако видите како се третирани животните, тоа не е во ред, срам да ни е…Се подобруваме и сè повеќе ја интензивираме борбата за околината, се достигнува ниво каде отворено се зборува за третманот на животните. Се реоткриваме себеси, ги гледаме формите, принтовите, боите, па постигнуваме нова екстраваганца, го реоткриваме мажот а со тоа всушност се враќаме назад кон себе кон нашата природа веројатно…Мислам дека многу промени се случуваат во светот и тоа се гледа насекаде, доаѓаат нови генерации, и имаше период кој беше многу многу тивок, но сега повторно се случува - изјави креативниот директор на модната куќа и сопруг на Вествуд, Андреас Кронталер, ексклузивно за Stylist.mk, веднаш по ревијата.
Под класичните панталони се надзираат чорапи, со каро дезени кои со своите бои ги разбиваат оние на аутфитот и се борат со силната нијанса на плишот кај обувките. Потоа се разоткриваат, па спарени со панталончињата – сега скусени – го добиваат својот агол на внимание и ја засилуваат својата улога. Кулминација во исказот се достигнува кога на крај ќе ги прекријат и онака притеснетите панталони преку скоро целата потколеница. Шарите се жешки, во портокалова и виолетова врз црно,свежи во полен жолта и ливадскo зелена, и стрип низ креон зелена и сина. И повторно преместување на границите меѓу елегантно и лежерно, и Вивиен го прави тоа секоагаш на свој начин. Чорапите, кои се носени со смокинг патлото се распаруваат, од сакоата висат реси, а класичните панталони се креваат над половината одржани со колан во комплементарна боја. И сето тоа надополнето со специјалните розе мачки со истото тоа црвено прасенце и еден модел кои носи свинско носе со кои изјавата е јасна – сè во борбата за третманот на свињите.
-Модата е начин на комуницирање, тоа е начин како да се застане зад она што се мисли, за тоа каде сме, начин да се биде, дел од нас. Имено, има многу добри работи во колекцијата, ми се допаѓаат плетенините, тоа се многу добри, специјални плетенини, и со нетрпеливост се радувам на следната година-вели Кронталер.
Вивиен, пак, во стројно и достојно издание ја одржи улогата на икона поздравувајќи се со внимание и недолжна почит во бекстејџ, но очекувано заситено и отсечно одбивајќи го за неа здодевното давање изјави. Дружењето со инспиративни ликови посетители и учесниците (кои сега сите носат месо боја маиците со принт од црвеното прасенце и изјавата МАЖ пролет-лето 2015) продолжува потоа на уникатниот бекстејџ коктел кој содржи само овошје и пенливо вино, трпеза налик на поставка за мртва природа од брдо елементи. И токму тука и така неформално страста за дискутирање ѝ се разгори на самата Вивиен, кога лично почна да ни говори за борбите наместо за колекцијата, што утврдува дека таму лежи страста. Од Трејси продолжи со раскажување за борбата за Леонард Пелтиер (активист-борец за правата на Индијанците во САД, осуден за убиство на два ФБИ агенти):
-Тој е очаен за да излезе, зашто е веќе е стар човек, стар како мене. Па, еден мој пријател изработува филм кој би требало да излезе наесен и навистина се надеваме дека ќе помогне кај судијата, да покрене свесност за конечно да го ослободат, зашто тој е невин човек. Нема никакви докази против него, освен фалсификувани докази кои биле прифатени на времето, но филмот ќе биде брилијантен и се надевам дека ќе имате можност да го погледнете. Не знам како ќе го нарече, но Леонард значи „Лавовско срце“, тој е означен на тој начин, тој е планински индијанец, тој е полн со добрина и љубезност и тој праќа многу добри пораки на луѓето-вели Вествуд.
Апелот со кој нè остава по ревијата, објавата и изјавата е повеќе дискусија на факти од директна покана за учество: „Посетете го нејзиниот веб-сајт www. Pigpledge.org. Таа ќе ви објасни дека една компанија под Американско водство држи повеќе од четвртина од пазарот на процесирано свинско месо во САД и сега се шири во Велика Британија и Европа. Се проценува дека 70 отсто од 970.000 тони свинско месо кои Велика Британија ги увезува секоја година не ги задоволува стандардите на Велика Британија за добар однос кон животните и сепак продавачите имаат дозвола да го обележат странското месо како британско доколку било процесирано тука.“
Не се работи повеќе за мода, но да се стави во функција убавиот визуел со кој располагаме. Колоритот, миксот, формите ги изнесуваат храбрите мисли на виделина. Па свињите може ќе бидат стивнати, но затоа мажот кој носи Вивиен Вествуд ќе се огласи.
-Ја прашав Трејси што можеме да направиме? Најбитното нешто е да се избегне јадење на месо од фабрики за животни и секогаш да се прашува од каде доаѓа вашето месо, без разлика дали го купувате во супермаркет или го јадете во ресторан или кафуле. И придружете ми се со потпишување на pigpledge.org/take-the-pledge и бојкотирајте го месото од фабриките за животни-завршува Вествуд.
Фото: Images courtesy & copyright by Daniele Fragale Photography (https://m.facebook.com/danielefragalephotography)
Нема коментари