Модниот сајт и асоцијација Stylist.mk по третпат ги избра најуспешните дизајнери и модели на Моден викенд-Скопје, а овосезонските победници Јована Филиповиќ, Стефанија Насеска и Рене Рајт добија уникатни статуетки изработени од домашни дизајнери на накит. Денес напладне, во пријатна атмосфера во концептуалната продавница Lotus Design Store во „Сити мол“, се дружевме со наградените и со авторите на статуетките. Јована Филиповиќ, која е носител на главното признание, за најдобра колекција за Where The Wild Things Are есен-зима 2014/15, доби статуетка изработена од Илина Поповска, а Стефанија Насеска-прогласена за најдобра млада дизајнерка за нејзината колекција „Азбука“, прими награда изработена од тандемот Моника Лозановска и Александар Баки Милев, кои стојат зад брендот за накит „Еклектика“. Шармантната Рене Рајт, која е прогласена за најдобра манекенка на FWSK, доби статуетка направена од Андријана Андреева (Ани Соро).
Јована Филиповиќ вели дека е изненадена и возбудена што ја добива наградата за најдобра колекција.
-Воопшто не очекував дека ќе бидам меѓу добитниците на „Stylist.mk наградите“. Кога ми се јавивте вчера мислев дека ме барате за интервју, не се надевав дека ќе ми соопштите дека сум го освоила признанието за најдобра колекција. Не ми се веруваше. Ги проследив и претходните доделувања на овие награди, без разлика дали бев учесник на Моден викенд -Скопје или не. сметам дека досега сите беа издржани и токму тие креатори за кои сметав дека се најдобри на претходните изданија, ги добија статуетките. Ова е прво вакво признание за мене, досега имам само победено на конкурсот на „Пелистерка“ во рамките на Моден викенд пред неколку сезони, за најдобар дизајн на шише. Наградите секако се поттик за секој креатор да биде уште подобар со секоја следна колеција. Конкурецијата е секогаш добре дојдена. Мене искрено многу ми значи наградата на Stylist.mk и ми е инспирација да дизајнирам уште подобри креации за следната сезона. Инаку, ова издание на Моден викенд имаше добри дизајнерски линии. На пример, ми се допадна колекцијата на Стефанија Насеска, „Азбука“, бидејќи има авторски пристап, за разлика од некои други, кои беа копии на нешто што досега сме го виделе-вели Филиповиќ.
Дизајнерката Стефанија Насеска, која досега има учествувано повеќе пати на Моден викенд-Скопје, овој пат ги доби гласовите на тимот на Stylist.mk за свежиот, младешки пристап и искажување на став, нешто што недостасува кај младите дизајнери. Насеска студираше во Скопје на „Академија Италијана“, но одлучи да се врати во родниот Прилеп и таму да работи и да ја подобрува локалната дизајнерска сцена.
-Не ми се веруваше кога ми соопштивте дека сум ја добила наградата. Воопшто не очекував некоја награда, можеби лично јас за време на изработката на колекцијата не бев самата задоволна, иако крајниот производ е успешен. Ме изненади тоа што некој ја забележал и верификувал мојата работа. Ова ми е прва награда, драга ми е затоа што мислам дека го отвара патот за останати награди и признанија, а особено затоа што доаѓа од вас, ја познавате сцената и сте лица кои ја следат македонската мода и младите дизајнери. Оваа награда сакам да ја посветам на моите родители и на личноста што беше цело време со мене додека ја работев колекцијата, тоа е моето момче Марко. Токму на овие три личности ја посветувам наградата – ни кажа Стефанија.
Иако во април за првпат почна да се занимава со манекенкство, и тоа токму со деби на Моден викенд-Скопје, Рене Рајт беше ѕвезда на овсезонското издание на манифестацијата. Девојката по потекло од Јамајка е членка на модната агенција „Подиум“ и сезонава се појави на голем број модни ревии во рамките на Моден викенд-Скопје, како и на фотографиите од изложбата „Арт ограда“. Таа професионално и со елеганција ги обави своите задолженија на ревиите. Со својата харизматична појава и природен однос допринесе за подобра презентација на креациите.
-Неверојатно! За толку кратко време колку што се занимавам со макененство да ја држам оваа награда во моите раце е неверојатно и апсолутно прекрасно. Многу сум благодарна до Stylist и до мојата модна агенција „Подиум“, особено до Ирина Илиевска која всушност ме научи сè што знам за манекенството. Благодарност и до сите оние што ме подржуваат, моето овдешно семејтво и сопругот Виктор – ни кажа Рене која со манекенсктво почна да се бави пред неколку месеци и веќе со огромна леснотија чекори по модните писти.
Нема коментари