Кога одите на деловно патување покрај професионалните подготовки важно е и паметно да се спакувате. Многу ќе ви помогне доколку практично и соодветно ја организирате гардеробата што ќе ја носите на повеќето деловни состаноци, на константните средби, за време на конференција, додека се запознавате со бројни колеги и се впуштате во професионално вмрежување преку кое ќе создадете нови контакти и клиенти.
Важно е да изгледате професионално на овие деловни средби. Колку и да звучи површно, сепак првиот впечатокот го оставате преку облеката и (не)уредниот изглед. Еве неколку клучни совети:
-Земете парчиња што лесно се комбираат меѓу себе – едно сако, неколку блузи, здолниште, класични салонки во неутрална боја, еден фустан, и доколку е нагласено, облека за коктел забава или вечерен настан.
-Спакувајте облека што не се тутка, така ќе бидете спремни и во случај да нема пегла во вашата хотелска соба. Тука спаѓаат парчињата од жерсе и тенко плетиво.
-Изберете неколку едноделени парчиња доколку треба да смените неколку комбинации во рок од неколку дена. Вака ќе заштедите простор во куферот, бидејќи еден фустан зафаќа помалку простор од комбинацијата од сако, кошула, здолниште или панталони.
-Мешајте неутрални тонови Еднобојните парчиња никогаш не се грешка, а црно-белата комбинација е класика. Внимавајте со интензивните бои и нападните шари, во некои професии тие се токму тоа – премногу интензивни и нападни.
-Земете и впечатливо парче, на пример кошула со панделка или со карнери, со коja ќе ја разиграте комбинацијата.
-Внимавајте на модните детали – чевлите да не бидат исчукани и со стари флекници, а чантата да не изгледа евтино и со безброј додатоци, нитни, апликации, реси… Накитот треба да е деликатен, а шминката природа и косата уредно зачешлана. Задолжително избегнувајте свадбарска шминка и фризура.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари