Не постои жена или маж кои не сакаат да изгледаат убаво, дури и оние „незаинтересираните” се чувсвуваат убаво од комплиментите поврзани токму за нивниот изглед. Ќе признаете дека токму за Нова Година, кога масовно се слави во клуб, дискотека или интимно друшто, многупати сте се запрашале што да облечете, а сепак да се чувсвувате убаво и комфорно – тврди Цаци Паковска, долгогодишна стилистка и авторка на телевизискиот проект „Стилисимо“, која се занимава и со шминка, дизајн и уредување, и која за Stylist.mk откри неколку стилистички совети за новогодишен изглед.
-Вашиот изглед секако дека највеќе ќе зависи од местото каде што планирате да ја дочеката новата година. Но, како и да е запаметете дека се работи за една вечер кога не би требало да експериментирате со вашиот изглед. Задржувајќи се за вашиот личен стил, секогаш ќе биде најдобриот избор за вас, бидејќи сигурно сте забележиле дека во моментите кога саката да оставите најдобар впечаток сo вашиот изглед, е тогаш сигурнo дека нешто нема да ви појде од рака, без разлика дали е тоа облеката, шминката и фризурата. Ако сакате да изгледате свежо, модерно и да блеснете со својата убавина во текот на „најлудата ноќ” тогаш единственото правило што треба да го почитувате е „Помалку е повеќе” – вели Паковска.
- Облечете фустан од природна ткаенина, заборавете на оние модели кои не ви прилегаат на телото и возраста. Понекогаш и во едноставна ролка ќе изгледате секси, само доколку знаете да ја износите облеката и да не дозволите таа да царува со вас.
- Одберете чевли кои ќе бидат удобни и се разбира ќе бидат изработени од кожа. Заборавете на потпетиците од скај, затоа што на крајот на вечерта ќе ги киснете своите стапала во леген… сè до Бадник.
- Модните додатоци секако дека ќе го надополнат вашиот изглед, затоа накитот нека биде одбран со вкус. Ако се двоумите помеѓу неколку модели, подобро не ставајте ништо на себе, отколку да натрупате било што. Ако веќе мора да одберете некаков накит, тогаш тоа нека биде нешто едноставно и префинето. Заборавете на светкавата бижутерија…
- Направете ја онаа фризура што ја правите и во текот на целата година, чиста, средена и едноставна. Во предвид доаѓа и собраната коса, но не претерувајте со лакот за коса и никако не додавајте “интересни” ластици за коса.
- А шминката… е тоа е нешто што најмногу може да ве разубави или пак огрди. Кожата мора да дише, не претерувајте со пудрата. Ако одлучите да ги истакнете очите, тогаш заборавете на темниот кармин. Безбојниот сјај за усни во овој случај е најадекватен. А ако сакате вашите очи да бидат минимално нашминкани, тогаш сте го направиле вистинскиот потег. Ќе зрачите со својата убавина во моментите кога другите ќе имаат размачкана шминка во раните утрински часови.
- И запомнете ништо не е подобро од вашата насмевка и доброто друштво, затоа уживајте во забавата и помалку експериментирајте со вашиот изглед… Помалку е повеќе….
Нема коментари