Безвременски модни парчиња кои пркосат на трендовите и пожелнo е да ги имате во својата гардероба. Без разлика на вашиот личен стил овие јакни секогаш можете да ги вметнете во комбинациите, бидејќи претставуваат класика, имаат доза на елеганција што сите треба да ја применуваме и се базата на секој изглед. Покрај овие пет видови јакни, во гардеробата можете да додадете и лежерен блејзер, деловно сако, трендовско карирано сако, бомбер или јакна во вид на ветровска или палтенце до под половина.
Сако од букле
Класика во модата што ја воведе Коко Шанел, со децении е популарно модно парче. Елегантно и шик, се комбинира со посвечени парчиња, со пократки фустани, молив-здолништа и тесни црни панталони, но и во лежерни варијанти со фармерки. Секоја жена треба да има барем еден модел на сако од твид во шанел-стил.
Смокинг сако
Модел за посвечена пригода, позајмено од машкио фрак, најчесто во црна боја и со сатенска крагна, смокинг сакото често е избор на холивудските ѕвезди за свечени настани. Идеално е завечерни и формални настани, но и ова парче може да се вметне во полежерни комбинации.
Кожна јакна
Модно парче со бунтовнички дух, од моторџиска стана меинстрим и скоро секојдневна облека. Евергрин е црната јакна со моторџиски крој (со еполети, крагна, ремен околу половината), но и има и посмирени и минималистки модели, па зависно од кројот може да се вметне во гардероба за различни пригоди.
Мантил
Барбери, Одри Хепберн, беж модел… ова се првите работи што нè асоцираат на мантил, модно парче задолжително во женската, но и машката гардероба. Се прилагодува на трендовите, па минатите сезони носевме подолги модели во разни пастелни бои, но класика е бежовиот мантил со крој воведен од Томас Барбери. Никогаш нема да погрешите со ваков класичен, беж мантил. Се комбинира буквално со сè. Вечна класика!
Тексасна јакна
Најлежерната облека од оваа листа и уште една класика во модата. Идеална за опуштени дневни комбинации, ова парче, иако е во младешки стил и со бунтовничка нота, се носи на различна возраст и лесно се комбинира со други парчиња.
Нема коментари