Полека почнавме да ја организираме гардеробата наменета за постудените денови, џемперот е она модно парче кое редовно го носиме во есен и во зима. Но, како да го комбинираме оваа сезона? Предлагаме три модни комбинации кои можете да ги носите во различни пригоди, од дневна прошетка до вечерна забава.
СО ШИРОКИ ПАНТАЛОНИ
Се разбира во студените денови приоритет е да бидеме загреани и да се чувствуваме удобно во облеката, па бираме џемпер со топли панталони. Очигледно е дека во некој врнежлив и ветровит ден најмалку што сакате е да трчате накај работа или да одите на кафе со пријателите облечени во краток фустан и со трендовски влечки на потпетици на нозете… За овие денови постои оваа опција – џемпер со пошироки паналони (кои се тренд), удобни патики и поголема чанта.
КАКО ФУСТАН
Инспирирајте се од изгледот на манекенката Елса Хоск – долг плетен џемпер со ролка (кој поради должината изгледа како фустан), во комбинација со кожена јакна, гломазни чизми кои се хит сезониве и мала чанта, може да биде чанта за околу половина. Навидум едноставно, но толку смело и стајлиш.
СО КОЖЕНО ЗДОЛНИШТЕ
Еве една елегантна опција со џемпер која може да се носи и за вечерно излегување. Џемперот е впечатлив поради нагласените раменици и плетивото со плетенки, а е комбиниран со еден од најголемите трендови сезонава – кожени модни парчиња, во случајов тоа е црно миди здолниште. Стајлингот е финиширан со високи чизми и светкави обетки.
Нема коментари