Блогот на Ангела Јаневска, Angela Dissected, постои неколку години, а оваа вљубеничка во модата, храната, уметноста, фотографиите и литературата, поради студиски престој во Љубљана еден период го паузираше блогот, но сега повторно го активира со нови содржини и модни соработки. „Мојот блог никогаш не славел роденден, па морав да проверам колку е стар и всушност постои од октомври 2011 година. Беше замислен како мало интернет катче за моите модни инспирации (тогаш уште немаше Pinterest) и начин на интеракција со омилените блогерки, па некако се охрабрив да блогирам и за мојот личен стил“, ни рече Ангела. Таа за Stylist.mk открива која е нејзината топ-5 трендови за сезоната пролет-лето 2015 и парчиња што самата ќе ги вметне во својот личен стил.
1. Долг trench мантил
Основната дилема што ја има секој капут/јакна/мантил е ’дали сум за дневен или вечерен изглед?’ е решена со долгите мантили. Подеднакво подготвени и за елеганција и за урбан шик изглед, ќе бидат мое главно парче оваа пролет.
2. Златен часовник
Ако сте подготвени за додавање малку Кање Вест шмек во вашиот изглед, препорачувам златен часовник, кој одлично се комбинира со нежни златни алки како женствен баланс на ова машко парче. Всушност, златен часовник е толку лош што е добар.
3. Adidas Gazelle патики
Колку и да вложуваме напори за комбинирање на високи потпетици во обид да изгледаме како светските модни блогерки кои ноншалантно шетаат на 12cm, патиче си е патиче. Затоа особено му се радувам на трендот на инкорпорирање лежерни патики кои ние секако си ги носиме, само сега го добија и заслужениот епитет ’моден тренд’. Од многуте опции, мојот избор е Gazelle моделот на Adidas поради својот ретро изглед.
4. Кул маска за мобилен
Иако веројатно некои наредни генерации ќе ја анализираат нашата опсесија со мобилните телефони, нам ни останува да го искористиме потенцијалот за себеизразување на уште еден начин – преку интересна маска која ќе кажува нешто за нас. Од кич варијантите на Moschino до маска со омилениот quote, изборот е неограничен и особено забавен.
5. Одело со шорцеви
Можеби не е најпрактичното модно парче во поглед на ситуации во кои може да се носи, но дефинитивно е меѓу најзабавните. Понекогаш може да го искористиме изговорот дека и модата е уметност, а уметноста не мора секогаш да биде практична. Ако ве чека пролетна свадба, свеченост, па макар и саботно кафе, побарајте го своето одело, по можност во некоја сосема пролетна боја или дезен.
Нема коментари