Дизајнерката Ирина Тошева можеби стана препознатлива по колекциите со едноставни и носливи модни парчиња, но како го развива својот израз, почнува да се отвора со покомплицирани кроеви и креации наменети за вечерни и посвечени пригоди. Ирина во 2014-та претстави нови колекции, оствари соработки и работни патувања, одржа работилници и сними креативни фотосесии, а годината ја заокружи со мултимедијалниот проект „Месир 45“ што го реализизра со нејзината колешка Нина Симова и токму од своите колекции избра креации преку кои ни предлага новогодишен изглед.
1. Кошула со отвори
Предновогодишната ноќ има многу дневни забави по работното време. Класичните кошули со отвори од мојата колекција „Зебра“ за оваа есен/зима одлично ќе прилегаат со тесно здолниште и интересни чевли и накит, а ќе ја разиграат вашата бизнис комбинација.
2. Накит на облеката
Не се поистоветувајте со новогодишната елка, носејќи сè на себе. Одберете фустан со убав крој и детали од монистра кои ќе го заменат накитот. Предлог е фустанот од колекцијата „Месиер 45“ која ја изработивме со Нина Симовска.
3. Впечатлив принт
За љубителите на минимализмот, едноставните кроеви со впечатливи принтови би биле полн погодок. Пример е фустанот од колекцијата „Зебра“.
4. Комбинезон
Комбинезионите веќе неколку сезони се голем тренд. Едно парче облека за целосен ефект. Одберете некој со интересен принт или доработка како оној од колекцијата „Месиер 45“.
5. Светки
Во овој период од годината светките се насекаде, од украсите во домот до гардеробата. Бидете поразлични вметнувајќи ги во косата или шминката.
Нема коментари