Во годината во која модниот бренд на Антонија Ристовска прославува 20-от јубилеј дизајнерката претстави самостојна ревија за колецијата Art en Deco со која одбележа долгогодишно модно творење, а подготви моден едиторијал со невестински фустани и создаде линија на елегантни и уникатни маички инспирирани од своите колекции. Антонија годината ја заокружува со отворање на онлајн продавница shop.antonijaristovska.com на која може да нарачаат нејзини креации. „Секогаш убава жена е моето мото. А тоа значи и секогаш облечена според пригодата и местото на забавата“, ни рече дизајнерката и ни откри пет правила за успешен и стилски новогодишен изглед. Препознатлива по елегантни и женствени креации со ретро и гламурозен израз, и предлозите на Антонија се во тој стил.
1.Корпоративен стил
Корпоративните забави се можеби и најубавиот дел од новогодишните прослави. Тие се многу поспонтани и без посебни големи подготовки. За тие пригоди препорачувам добра свилена кошула или топ искомбинирана со панталони или пенкало здолниште.
2.Фустан во стил на 50-тите
За девојките со романтичен стил, изборот на фустан во стил од 50-те години секогаш е одличен.
3.Мал црн фустан
За новогодишна вечер прославена во клуб, мој предлог е малиот црн фустан искомбиниран со високи потпетици, со кратко светкаво мини сако или крзнена наметка.
4.Гламурозен долг фустан
За оние што ќе ги изберат ексклузивните хотели за најлудата ноќ во годината, гламурот е неизоставен. Долг фустан кој во задниот дел малку се влече по подот и е изработен во уникатен дизајн од раскошен материјал сигурно ќе ја разубави новогодишната ноќ.
5.Соодветна шминка и фризура
Шминката и фризурата мора да бидат ускладени со облеката и секако да ве отсликуваат вас.Никако не смеете да дозволите да претерате и да бидете непрепознатливи.
Нема коментари