Ако ви се смачи од безбројните туторијали како да заврзете марама, еве неколку совети за како да носите една посовремена тенденција – дебел зимски шал кој наликува на ќебе. Ќебе-шаловите некако се појавија како продолжение на ќебе-наметките од колекцијата на „Барбери“ и се наметнаа како најудобното парче на сезоната. Но, како да бидете шик и затоплени без да изгледате како да сте се удавиле во преголемиот шал. Постојат повеќе начини како да изгледате кул во огромни каршмирни или волнени ќебе-шалови, наметнати или заврзани околу врат како марама, но прво треба да се запазат неколку правила. Подобро е да изберете правоаголнест, отколку шал во облик на квадрат. Одлучете се за шал кој е долг колку што сте високи, тоа е оптимална должина за да може да го користите на повеќе начини. Дури и во текот на денот може неколкупати да го смените стајлингот само со различно врзување или носење на шалот. Во однос на ткаенината, бирајте модел од природни влакна, а во однос на трендовите, најактуелни се карираниот принт и шарените шалови.
1.Обвиткан околу вратот
Наједноставен начин е да го обвиткате три или четири пати околу вратот, или само еднаш, па да го врзете во чвор во предниот дел. Ова е совршен стил за многу студено време, бидејќи може да ја покриете устата. Се препорачува шалот да се носи врз јакната или палтото, а не напикан внатре. Избегнувајте многу крути ткаенини и бирајте модели од поделикатен материјал како кашмир или нежна волна.
2.Дефиниран со ремен
Ставете го средниот дел од марамата на задниот дел од главата, префрлете преку рамена и лабаво заврзете ремен околу струкот. Препорачливо е да направите благ преклоп, слично како кај фустаните со преклоп.
3.Шал-наметка
Едноставно го наметнувате на себе, слично како наметките и пелерините. Шалот се става преку рамениците и низ рацете речиси како да носите кимоно. Може да го носите на себе, па да го оставите на неколку минути, па повторно да го наметнете, зависно од вашето расположение.
4. Џамбо плетен шал за на снег
Најлесен и најкласичен начин на носење шал. Ве потсетува на начинот на кој нашите мајки нè врзувале и виткале со дебели шалови секојпат кога сме излегувале на снежно време.
Нема коментари