Блогерка, дизајнерка, богаташка!? Која е всушност професијата на Оливија Палермо, девојка чиј моден стил одушевува поради урбаната елеганција и умешното спојување на неспоиви стилови!? Со што заслужи насловни страници, ангажмани во рекламни кампањи, а не е манекенка!? Можеби навидум со недефинирана професија, Палермо е едно од најпознатите и најфотографирани лица во светот на модата. Важи за следбеничка на трендовите, ама и за трендсетерка чиј стил го копираат илјадници девојки од целиот свет.
Родена во богато семејство во Њујорк, Оливија стана позната по учеството во реалното шоу The City во кое ја следевме нејзината работа во пр-секторот на Дајан фон Фурстенберг, а подоцна во маркетинг-одделот на американски Elle. Во 2011 година лансира сопствен блог, а во текот на кариерата се појавува како заштитно лице во кампањи како Mango, Max&Co и Hogan и како дизајнерка во соработка со модни брендови.
Елеганцијата на Оливија е во ефектните и миксот на дизајнерска со облека купена во H&M и Zara. Одмерена, но впечатлива, таа претпочита едноставни парчиња кои што ги носи на сосема нов начин. Со неверојатна леснотија комбинира гламурозно со кежуал, cool со модерно, трендовско со безвременско, создавајќи скоро непогрешни комбинации. Оливија неодамна носеше креација од австралискиот дизајнер Тони Матичевски, а периодов е забележана во некои од актуелните тенденции како бомбер-јакна, патики со платформа и блуза со голи раменици. Актуелна е со колекцијата Chealsea28 креирана во соработка со Nordstrom.
Нема коментари