Секоја сезона на доделување на награди носи по едно ново модно откритие и ѕвезда на црвениот килим. Ема Стоун, Кира Најтли, Лупита Нионго, Џенифер Лоренс, Кери Вашингтон, Оливија Вајлд, Сиена Милер, Дајан Кругер, Кејт Босфорт, Ема Вотсон и Џесика Алба се само дел од младите актерки што ја одушевија модната критика изминатите неколку години. Во фокусот на медиумите со својот талент и стил оваа година е шведската актерка Алисија Викандер. Таа е ИТ-девојка во модниот свет, но и на големото платно, актуелна со филмовите Testament of Youth, The Man from U.N.C.L.E. , Ex Machina и The Danish Girl за кој доби номинација на Оскар најдобра споредна улога.
Женствена, нежна, љубезна и до добар вкус за мода оваа 27-годишна актерка и балерина од Гетеборг речиси е безгрешна во изборот на креации за на црвениот килим. Во себе ја носи едноставноста на Швеѓаните и грациозноста што ја стекнала учејќи танц во Royal Swedish Ballet School. Актерката која има глумено во The Fifth Estate, Anna Karenina, Burnt, Seventh Son, Son of a Gun и ќе биде дел од новиот Борн- филм, Jason Bourne кој ќе биде промовиран оваа година, преферира модерни уникатни креации од познати дизајнерки куќи. Најчесто е во креации од Louis Vuitton, чие заштитно лице од минатата година, но носи модели и од Chanel, Proenza Schouler, Victoria Beckham, Stella McCartney, Erdem, Barbara Casasola и други. Се претпоставува дека на претстојното доделување на Оскарите ќе се појави повторно во некоја шик креација од Louis Vuitton.
Приватно, шетајќи се на улиците во Лондон, каде што сега живее, или на состаноците со своето момче, актерот Мајкл Фасбендер со кој е во врска од 2014, таа преферира фармерки, лежерни кошули, здолништа или фустани. Ви претставуваме избор од највпечатливите креации што Викандер ги има носено на црвениот килим, но и приватно .
Нема коментари