Во ерата на модниот концепт Аnything Goes експертите почесто ќе ве охрабрат да го искомбинирате и она што по старите правила не се комбинира, отколку слепо да се водите од некои начела што денес дури и се сметаат за демоде. Црна и тегет!? Може! Чевли и чанта во иста боја!? Подобро не! Црната не се носи во лето, а белата никако во зима!? Нели е ова чудно правило… Хоризонталните линии се само за слабите девојки!? Па, не е баш така… Модата се темели на правила и диктати, ама некогаш правилата постојат за се скршат или да се интерпретираат на свој начин.
Дозволено е да се скршат и следниве стилски диктати:
Светките се за вечерно излегување
Се разбира фустанот од свекави пулејки е наменет за официјална коктел-забава или некој ноќен настан. Но, скоро секој може да вметне малку светкави делови и во дневната комбинација – светкава лента на блузата, светкав детаљ на сакото, суптилно може да се вметнат во гардеробата за секое време од денот.
Избегнувајте бела боја во зима
Кој тоа прогласи дека не може да се носи белата во зима!? Во последните сезони белата доживеа враќање во зимските колекции на дизајнерите. Mоже да комбинирате бел џемпер со бело здолниште, повторно актуелните бели фармерки со бела кошула, или храбро изберете бел фустан како алтернатива на малиот црн фустан.
Никако чорапи со сандали
Спојот на чорапи и сандали повеќе не е само за смешни туристи. Сезони наназад модните вљубеници комбинираат дебели хулахопки со чевли со отворени прсти, сега одат понатаму и носат чорапи и сандали. Но, за да го избегнете туристичкито изглед, никако не бирајте бели чорапи со спортски сандали, туку некои необични чорапи со шик модерни сандали. На пример, чорапи со тантелен раб и сандали со високи потпетици, или чорапи во интензивна боја под омилените сандали со полна пета. Овој мини-тренд ќе биде насекаде периодов.
Не комбинирајте тегет со црна
Уште едно демоде правило кое ниеден добар познавач на модата повеќе не го следи. Црната и тегет бојата може да изгледаат неверојатно шик заедно, исто како што може да одат црната и кафената. Правете контраст на ткаенини со различна „тежина“ и текстура – на пример, деликатна, свилена тегет блуза со тешки, кожени, црни панталони. Еден моден уредник на Cosmopolitan, ќе рече „малку конфузија со бојата, никогаш не убила никого“.
Кратките блузи се само за оние со рамни стомаци
Пред неколку месеци во еден моден магазин беше објавено дека „жените може да носат краток топ само ако имаат рамен стомак“. Како што може да замислите, на оваа модна дискриминација се побунија илјадници жени од целиот свет и на Инстаграм почна да објавуваат фотографии со своите голи стомаци во сите облици и велини под ознаката #RockThe Crop. На крајот на краиштата, секоја од вас треба сама да одлучи колку многу или колку малку ќе открие од својот стомак. Ако убаво се чувствувате во кратка блуза или бикини, без разлика дали сте „сучка“ слаби или пополнички, само напред!
Не мешајте дезени
Точки + линии+ пепито + ѕвезди + цвеќиња + карирано… Некои комбинации од повеќе дезени изгледаат многу слатко, некои смело. Што се однесува до мешањето принтови, единствена граница во модната креативност е вашата самодоверба. Ако сте малку модно посрамежливи, почнете со микс од едноставна шара со некоја покомплексна, или на два разлини дезена со слична колорна шема. Оние похрабрите ќе направат спој од црно-бели линии со шарен, цветен дезен или пак ќе измешаат апстрактен принт со точки.
Избегнувајте хоризонтални пруги
Спротиставете се на мислењето дека хоризонталните линии уште повеќе ќе ве прошират, и слобоно носете пруги онака како што сакате – пругаста маица со здолниште кроено во круг, или една супер пролетна комнинација од деликатна кошула со линии, фармерки и балетанки.
Секогаш комбинирајте чанта и чевли во иста боја
За ова правило најмногу се држат повозрасните, додека во модата одамна се препорачува да правите распар – ако ви се допаѓа комбинацијата од омилените кафени антилоп чизми со црна чанта, слободно инкорпорирајте ја во стилот. Многу е подобро распарот да е складен во однос на стиловите и материјалите, отколку слепо да се држите до спојот на бојата, иако чевлите се во елегантен, а чантата во спортски стил.
Кажете НЕ на двојниот џинс
Носењето џинс кошула, џинс фармерки и џинс јакна кои се во иста нијанса допринесува за минималистички изглед, додека доста шик изгледа и комбинацијата од тенка текскасна кошула со темни фармерки. Навистина може да го скршите и ова правило.
Не носете црно во лето
Слично како и второто правило, ако сакате црни блузи и црни здолништа носете ги и во ноември и во јули. Иако бабите ве учеле да не носите црно во топлите месеци, изберете некој долг црн памучен фустан или слоеви од модни парчиња од свила или шифон.
Нема коментари