Модна икона, супермодел кој му пркоси на времето и трендовите, девојка со совршен личен стил… Кејт Мос денес слави 40 години! Британската манекенка засекогаш го смени лицето на модата и стана еден од главните протагонисти во популарната култура. Нејзиниот старт во манекенството некако се поклопува со почетокот на мојот поаналитичен интерес за модата, па сиве овие години ја следам нејзината работа. Верувате, не беше едноставно да се изберат најважните и најиконични моменти од нејзината долга кариера.
Приказната вели дека е откриена на њујоршкиот аеродром „ЏФК“ од страна на Сара Дукас, сопственичка на модната агенција „Сторм“. Сара ја забежала 14-годишната Кејт како седи на куфер и го чека својот лет за Лондон по семејниот одмор на Хаваи, и веднаш ја ангажирала да работи за нејзината агенција. Следат пробни снимки, фотосесии со Корин Деј, фотографката со која ќе соработува со години, и првиот пробив во вид на насловна страница на алтернативниoт магазин The Face. Модниот свет ја забележа и Кејт почнува да добива сè повеќе ангажмани, а во 1992 година ја фотографира првата насловна за Vogue, онаа за мартовски број за британското издание на овој магазин.
Кејт Мос набргу доживува светска слава, а за нејзиниот подем допринесе и серијата рекламни кампањи за Келвин Клајн, особено оние за фармерките на брендот и за парфемот Obsession снимена со нејзиното тогашно момче, фотографот Марио Соренти. Во следните 26 години следат стотици насловни страници, вносни договори за рекламирање на најважните модни и козметички компании, учество на модните ревии на најважните дизајнери на денешницата, фотосесии со најзначајните фотографи, дизајнирање облека, илјадници текстови изнапишани за нејзината живот и кариера, но многу малку дадени интервјуа… Што и да се случи, а во нејзиниот бурен живот се случија толку многу убави, но и скандалозни моменти, Кејт останува постојана миленичка во модната индустрија и продолжува да инспирира со своите фотосесии и личниот стил. Кејт не е само супермодел, таа е модна икона!
Нема коментари