Прилепскиот бенд The Hounds и Леа Таќи деновиве ја промовираа заедничката песна „Насмевка“ заедно со видеоспот во кој пејачката носи креации од дизајнерката Ирина Тошева. Ова е втора соработка на бендот и пејачката, песната е нивно авторско дело, а спотот снимен во околината на Прилеп и кај манастирот Трескавец го направи Христијан Конески. Леа носи корсетиран фустан со лелеав долен дел во кој се преливаат беж/лила тонови од Тошева, а за шминката се пгрижи Милена Северковска од Studio Vintage од Прилеп.
-Фустанот е специјално изработен за спотот. Леа имаше некоја првична замисла, а дизајнот ми беше во глава дури траеше нашиот прв разговор. Бевме на иста „бранова должина” уште одма. Ме радува дадената доверба и што успеавме да добивме производ од кој и двете сме презадоволни. Најважното е што одлично се вклопува во целата приказна на видео спотот – ни откри Тошева.
-Одамна ја следам работата на Ирина и премногу ми се допаѓасè што таа дизајнира. Се запознавме на социјалните мрежи и веднаш знаев дека и креативно лесно ќе се согласиме. Соработката беше полн погодок, Ирина е многу лесен човек за комуникација и договарање и уште од сега би сакала да почнеме да работиме на следниот заеднички проект – вели Леа. (К.Т.)
Нема коментари