Повеќегодишното пријателство и честите среќавања како учесници на „Љубовниот базар“, што традиционално секој месец се одржува во скопскиот кафе-бар „Љубов“, деновиве вроди и со соработка на двајцата познати креативци-изработувачи на накит и модни додатоци: Глигор Кузмановски и Карло Хорват. Тие создадоа шноли за коса, во кои ги спојуваат нивните дизајнерски специјалности: дрво (со кое Глигор создава накит) и кожа (од која Карло изработува додатоци).
-Со Карло сме колеги од Студиите по историја на уметноста, се познаваме повеќе од една деценија. Со почеток на „Љубовните базари“ дружбата стана сè почеста, а со тоа и размената на идеи. Така и се роди ова наше прво преплетување на два природни материјали, дрво и кожа. Лесно е да направиш соработка со човек со кој си на иста фреквенција, на идеја се надоврзуваш со друга.Карло ги изработи кожните делови, а јас потоа се надоврзав на неговите замисли и комбинации, па ги изработив дрвените делови-ни изјави Кузмановски.
Шнолите се изработени од два дела- кожен и дрвен. Кожниот дел е во форма на коска, а дрвениот има варијации. Палетата на бои е широка, каде што најзастапени се земјените нијанси. Тие се само почеток на нивната професионална и креативна соработка.
-Планираме да ја прошириме соработката во изработка на други производи, ама засега сè уште се во една мисловна фаза Како за почеток сме задоволни, има интерес, а сето тоа ќе го потврдиме и на следниот базар во „Љубов“, каде што премиерно ќе бидат изложени шнолите. Имаме идеја за поставување на едно место, но сè уште сме во преговори за истото. До тогаш сите заинтересирани може да набави еден од уникатите преку личен контакт со мене и Карло-вели Глигор.
На крај додава дека тоа што јизучувале историјата на уметноста на факултет им помогнало во понатамошното творешто.
-Сознанијата од студиите ни помогнаа внесеме дел од историјата на уметноста во своите изработки, да си ги следиме инстинктите и да делуваме по некој наш терк, сакајќи да пренесеме некоја идеја, не осврнувајќи се на тоа дали ќе биде прифатено и разбрано од сите-вели тој.
Нема коментари