Колку и да сме модни авантуристи и спремни за експериментирање во стилот, постојано се навраќаме на базичните парчиња, особено во овој дел од годината кога капутот и џемперите ни се задолжителна облека. Тајната за интересен поавтентичен изглед е во инспиративно облекување во слоеви, затоа ви нудиме неколку нови начини за слоевитост на зимската облека што веќе ја поседувате.
Долг кардиган под капут е добар избор кога сакате да носите фустан со должина до колена, а притоа сте зимурливи и потребно ви е додатно парче облека. Џемперот нека биде мек, а капутот широк. Комбинацијата е добра затоа што во првиот дел од денот ги задоволува правилата за деловно облекување, а вака облечени може да продолжите во вечерно излегување. Откако ќе ги облечите сите слоеви, обидете се да ги кренете рацете нагоре, доколку не можете, треба да изберете поширок капут.
Хулахопките кои ѕиркаат под подвиткани фармерки се брз, но ефектен начин за стилска комбинација. За помодерен изглед, фармерките нека бидат широки, а бојата и текстурата на хулахопките по ваш избор.
Во зима слободно носете неколку слоеви, важно е парчињата да бидат тенки. Ролка под карирана кошула, овде по примерот на блогерката Леандра Медин, остава слободен простор за впечатливи детали. Значи, изберете ја најтенката ролка, облечете врз неа памучна кошула, евентуално уште еден поделбел џемпер одозгора, извадете ја јаката од кошулата и финиширајте со накит.
Еве една идеја од „оригиналните“ гранџерски денови – тенок фустан врз џинс и под ролка. Идејата е долниот дел од фустан да ѕирка под горниот дел. Изберете фустан во поженствен стил и од потенок материјал, за да постигнете поизразен контраст, како и поширока ролка која ќе дозволи блага лелеавост на фустанот кога се движите.
Слободно мешајте парчиња со различна боја и констрасна текстура, како на пример елегантна бела кошула и рокерска кожна блуза. Ракавите на горното парче треба да се значително пократки, исто е и со должината, бидејќи интенцијата е да ѕирка долното парче.
Два блејзера врз блуза со V-изрез и маичка од тантела. Ви изгледа комплицирано!? Не е воопшто… Изберете тенка блуза со деколте, под блузата нека се гледа маичка порабена со тантела, а одозгора облечете сако, па пошироко, но кратко капутче. Крајниот исход е шик вечерен изглед.
Плетените џемпери се вратија во мода, обожаваме да ги носиме кога е навистина студено. Еве начин како да изгледаат модерно – дебел џемпер врз потенка полуролка во неутрални нијанси. Финиширајте со капут во бежова боја.
Нема коментари