Храмот на шопингот го активира својот моден перископ и е
во потрага по стилист што ќе асистира во креирање на
модните едиторијали во зимското издание на Сити мол магазинот
Најавангардното и највозбудливо модно жариште Скопје сити мол овозможува нов моден предизвик за сите со изострено чувство за мода и за оние што допрва сакаат да се изразат и да инспирираат други, креирајќи свои модни визии. „Сврти нов лист и стани стилист“ е уникатен моден предизвик во кој сите вљубеници во модата ќе успеат да се изразат себеси на креативен и на оригинален начин.
Модните познавачи Драган Христов – моден дизајнер, Катерина Трајановска – моден новинар и стилист и Ана Несторовска – моден новинар и моден консултант изработија три целосни модни комбинации на кои им недостига само едно парче. На ФБ фан страната на Скопје сити мол сите што сакаат да учествуваат во овој моден предизвик ќе можат да ја надополнат соодветната комбинација со свој предлог и да ја збогатат со она со што тие сметаат дека ќе ја направи уникатна, впечатлива и комплетна.
Модните стилисти ќе одберат три девојки или момчиња чиј предлог го сметаат за оригинален придонес кон нивната комбинација, по што одбраните тројца ќе добијат можност и самите да создадат своја комплетна модна комбинација што ќе биде изложена на кукла во Скопје сити мол.
Сите посетители ќе имаат можност да гласаат за комбинацијата што најмногу им се допаѓа на ФБ Фан страната на Скопје сити мол, а Casual Stylist-ите ги чекаат волшебни награди.
Скопје сити мол ги поддржува сите девојки и момчиња да учествуваат во овој моден предизвик, да го направат својот прв исчекор кон модата и да станат стилисти на модните едиторијали во зимското издание на Сити мол магазинот. А за сите останати што сакаат да уживаат во огромен избор на впечатливи модни комбинации, весели и стилски функционални парчиња облека во склад со модните диктати Скопје сити мол овозможува модни искуства со широкиот спектар на актуелни, забавни, естетски возбудливи примероци и други модни содржини.
„Модата е одличен начин да го изразите своето расположение, а само едно вистинско парче облека може да го смени целокупното чувство и комплетниот моден израз во даден момент. Само едно вистинско парче облека може да ви донесе чувство на возбуда, среќа, восхит и да ви ја унапреди довербата што ја носите во текот на денот. На овие тмурни есенски денови им недостига малку возбуда во модата, мал поттик и инспирација и затоа ги поканувам сите момци и девојки да ја погледнат и да ја наподолнат мојата модна комбинација на ФБ фан страна на Скопје сити мол со она што сметаат дека й недостига, чанта или шал, шапка или што било друго што сметаат дека ќе го збогати и ќе му даде уникатен печат на овој моден израз“
Ана Несторовска
„Отсекогаш сум ја сакала модата и она што таа може да го направи за поединците. Се чини дека нема полесен начин да се изразиш себеси, отколку токму преку облеката што ја носиш. Ја сакам моќта на базичната облека, но почитувам стајлинзи со барем едно впечатливо парче и со детали кои толку многу зборуваат за личниот стил, за модната смелост и за изградениот визуелен идентитет.
Во тој контекст го сакам она што една вонредно впечатлива марама или шал може да и го направи на секојдневна облека, како џинс и обична бела маичка. Со нетрпение ги очекувам сите предлози за тоа како останатите гледаат на мојата модна комбинација и парчињата што ќе ги предложат, што би можеле да ја надополнат и да ја збогатат. Нетрпелива сум да видам како останатите се вклопуваат во мојата визија и како гледаат на овој моден израз. Ме радува идејата дека нечии модни предлози ќе ме изненадат и ќе ме инспирираат и затоа ги повикувам сите момци и девојки да бидат храбри во изборот на чевли или што било друго што ќе ја надополни мојата модна игра“
Катерина Трајановска
„Една од најголемите вредности на модата е што помага да се редефинира она што претставува моќна и убава девојка или свесно, но пристојно момче, што модата ги охрабрува да посегнат по извонредни нешта што ќе ги направат уникатни. Единствено што не толерирам во модата и модниот свет е секоја форма на задевање, силеџиство, грубост и неповолен третман кон кого било што не исполнува некакви „замислени стандарди“. Љубезноста е нешто што не се купува со пари, а примерниот однос кон луѓето е нешто што е секогаш во мода. Затоа ги охрабрувам и ги поканувам сите момчиња и девојки што сакаат да си играат со модата, да го направат својот прв исчекор во тој свет и да ја надополнат мојата модна комбинација со чевли или она што сметаат дека й недостига, на ФБ фан страна на Скопје сити мол. Најдобриот ќе биде одбран да биде еден од тројцата Casual Stylist-и“
Драган Христов
Нема коментари