Со желба да ги архивираат и претстават пред јавноста најинтересните урбани ликови со уникатен стил и интересна , пред три години на овој ден модните ентузијастки Ана Чаловска и Елена Везенкова го лансираа блогот „Скопје се носи“. Роденденот го прославија деновиве со забава во кафе-барот „Баду“ во присуство на своите пријатели, најверни читатели, соработници и скопските фаци, чии портрети може да се погледнат и прочитаат на сајтот. По тој повод разговаравме со Ана и Елена, кои ни откриваат дека гледано наназад, кога го подготвувале сајтот не се сомневале дека ќе дотуркаат повеќе од три години…
- Зошто не би дотуркал? Го сакаме тоа што го правиме, имаме верба во средината која нè опкружува и го правиме навистина со љубов и максимален труд. И, да, без оглед на околностите и генералната атмосфера, сè уште имаме верба во луѓето, во ентузијазмот и во потрагата по нешто оригинално, што ни го покрева духот и дека некои вредности сè уште се присутни. Веруваме во она „добро“ што сите ние го носиме и го сакаме, тешко да се објасни со зборови, но сите го препознаваме, по кое е карактеристичен градот, и сметаме дека навистина тоа добро треба да го негуваме. Тука некаде би била и самата мисија на „Скопје се носи“.
*Колку „Скопје се носи“ се промени и разви од првите објави до денес? Како расте и кои се новитетите?
-Основата по која е сајтот препознатлив срце не ни дава да ја смениме во некои драстични размери. Таа и е всушност нашиот заштитен знак. Архивата расте сè повеќе и повеќе, а ресурсите се неистражени, ако не и непресушни. Имаме што да понудиме, срединава има што да понуди. Тимот се шири. Со гордост и радосно би кажале дека буквално си присвоивме две инспиративни и креативни девојки, Тамара и Мариго, кои навистина се освежување и взаемно учиме едни од други. Сатја си е веќе „наш“ и неговата рубрика „Ветерници“ е добро позната на публиката. Сè друго останува да го видите самите, бидете така, има уште.:)
*Со кои содржини посебно се гордеете и кои се најинтересни за читетелите?
-Себично е да кажеме дека конкретно некоја содржина ни е особено драга. На секоја работиме со ентузијазам и посветеност. За ова слободно обратете сè до публиката. Би сакале и ние да го чуеме нивното мислење.
*Изминативе три години изградивте своја верна читателска публика. Како би ги дефинирале луѓето што го читаат „Скопје се носи“, каков профил на девојки и момчиња најчесто го посетуваат и каков е фитбекот?
-Публиката е до толку порасната и се расплинува кон повеќе портрети, возрасти и профили на луѓе, што полека и губиме траг. Не останува само на нашиот таргет, туку идејата и концептот зад „Скопје се носи“ стануваат сè повеќе и пошироко прифатени. Токму фитбекот ни е дополнителен поттик да продолжиме. Не само што добиваме предлози за соработки и предлози за надоградба на самиот концепт, туку често многумина и пројавуваат интерес да станат дел од тимот или пак само да бидат прикажани на сајтот. Тоа само по себе е интеракција, ненаметната, природно остварена, што сепак го сметаме за достигнување и ни е знак дека читателе веруваат во „Скопје се носи“ и во она за кое платформата се залага.
*Колку „Скопје се носи“ ви донесе кредибилитет на нашата модна сцена и можност за соработки со модни компании?
- „Скопје се носи“ никогаш во преден план не ја „фурал“ модата, таа била и преферираме да остане некаде во позадина. Не го негираме фактот дека е во тесна корелација со првичната сугестија за „Скопје се носи“, но пораката која сакаме да допре до читателот не плута толку површно, туку е базирана на подлабоки темели, многу е покомплексна и покарактерна. Накратко, се залага да го прикаже она што го носиме во себе, не на себе, оттаму зошто можеби го носиме тоа на себе. Штом знаеш што носиш во себе, многу е полесно да бидеш и да се ставиш во улога на моден трендсетер. Нашето портфолио веќе брои многу соработки на кои сме горди и благодарни.
*Какви ви се проекциите и плановите за блогот за следните три години?
- Едно нешто сме сигурни, а тоа е дека „Скопје се носи“ ќе си го прослави и шестиот роденден на 9 мај 2020 г. Дотогаш да бидеме свои, автентични, посветени, да инспирираме и креираме. Да придонесеме за тоа „добро“ што сите ние го носиме во себе, добро си го знаеме и си го сакаме. Секој на свој начин, како најдобро умее. Е па, нека ни се множат!
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете линк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари