Четвртото издание на Skopje Design Week оваа година ќе се одржи од 23 до 28 септември во Куршумли Ан со продукција и програма што ги оправдува очекувањата на урбаната публика, дизајн и бизнис заедницата кои веќе три години ги препознаваат вредностите и уникатноста на фестивалот. Под мотото „Четврта смена”, идејата е да се доловат различните функции како промоција, деловна соработка, едукација, забава и дружење. Покрај мотото и датумот на одржување на првата прес-конференција поврзана со новото издание на дизајнерската недела, првиот човек на манифестацијата, Александар Велиновски, го повтори повикот до сите заинтересирани до 20 јули да го пријават своето учество. Продолжува соработката на манифестацијата со ВВ „Тиквеш“ и по минатогодишниот конкурс за етика за вино, овојпат е најавен меѓународен конкурс за креативно решение за брендирање на новиот автентичен производ на компанијата – гроздовиот мед. Земја во фокусот на четвртото издание на SDW е Франција и ќе бидат претставени 10 реномирани дизајнери и француски дизајн студија. Потоа ќе продолжи традицијата на музичка програма, практични работилници и струковни дискусии, а ќе биде проширена и гастрономската програма преку обука од страна на француски шеф. Модниот дел од програмата ќе биде претставен во вид на поп-ап продавница, во која ќе има можност да се набават креациите од дизајнерите-учесници. На овогодинешното издание ќе има фестивал во фестивал, односно ќе се одржи Skopje Body Mind & Spirit Festival.
Дека успешниот бизнис не подразбира само бројки, трговија и економија, туку значи унапредување, храброст и иновација зборуваат минатогодишните соработки помеѓу деловниот и дизајн секторот поттикнати од оваа организација. Оваа година треба уште позасилено да се зацврсти претприемачкиот дух во насока на соработка помеѓу деловниот сектор и креативната индустрија. Еден таков успешен пример за синергија меѓу бизнис секторот и креативната индустрија е минатогодишниот меѓународен повик за дизајн на етикета на врвно македонско вино од винарската визба „Тиквеш. Конкретен резултат од оваа соработка е лансирањето на пазарот на виното „Шардоне“ на ВВ „Тиквеш“, кое го краси етикета која ја освои првата награда минатата година. Ова е уникатно дизајнерско дело на авторката Дијана Димитриевска, за која учеството на овој натпревар претставуваше одлично искуство и начин за докажување на сопствениот креативен потенцијал.
-Задоволни од резултатите од минатогодишниот конкурс, со задоволство ја продолжуваме соработката со SDW. Оваа година одиме чекор понапред со тоа што од креативците во земјава и светот, преку меѓународен повик, ќе побараме интегрално решение за брендирање на нашиот нов автентичен производ – гроздовиот мед. На ваков начин, сакаме да креираме уникатен идентитет на овој природен и исклучително здрав производ кој и досега го произведувавме, но не комерцијално. Поради сè поголемата побарувачка, сметаме дека треба да го направиме препознатлив и достапен за потрошувачите во Македонија и пошироко – изјави Елена Младеновска Јеленковиќ, маркетинг менаџер во винарската визба „Тиквеш“.
Конкурсот ќе биде отворен до 5 септември оваа година, а изборот на најдобро решение за брендирање на новиот производ ќе го изврши меѓународно жири. Очекувањата се дека високото реноме на ВВ „Тиквеш“, како и вредноста на самиот производ што треба да се брендира, ќе привлечат голем број креативци жедни за афирмација. Дополнителна стимулација претставува и самата награда за најдоброто решение, која изнесува 2.000 евра.
Инаку, пријавувањето на компании, нови брендови, млади иноватори, дизајнери и институции, за учество во годинешниот SDW, е во тек. Сите оние кои сакаат да ја запознаат јавноста со своите новитети, бараат и нудат конкретни можности за вмрежување, се во потрага по вистински партнери за соработка, имаат можност до 20 јули да се пријават во најразлични категории. Целта и оваа година е да насочи креативниот потенцијал во унапредување на економската клима и општеството. „Четвртата смена“ е најавена од организаторите како досега најдобро издание.
Нема коментари