Еден од најпопуларните модни блогови кај нас, Skopje Casual, на 3 март со забава во урбаниот локал Soulmatik ќе одбележи три години од основањето. За добрата забава на следбениците на блогот што третира лежерна мода и оваа роденденска забава ќе се погрижи диџеј Гоце. Трите девојќи што стојат зад овој моден проект, Сандра Христов, Ива Дујак и Калина Зографска, велат дека темата на журката оваа година се точките!
- Како и секоја година досега, прославата не може да помине без тема, а оваа година темата ни е баш многу мила-тоа е (три) точки! Три точки како приказна која започнала и уште трае, три точки по една за секоја од нас и за секоја година што си го сакаме лежерно Скопје, точки како облека на „туфни“, мали или големи кругчиња, скоро па неспоиви комбинации со ригите кои ни се омилени. Значи, облечете се точкасто, пуштете си музиче за спремање тука или тука и ве чекаме на гушкање, фоткање, играње, лежернување! Ве очекуваме во Soulmatik со почеток во 21 часот да играме, да се гушкаме, да се фоткаме и да лежернуваме сите на купч-велат Сандра, Ива и Калина.
Идејата за Skopje Casual се родила многу спонтано и блогот уште од почеток го водат за свое лично задоволство и инспирација, па така никогаш не ни помислувале на некоја голема популарност.
- За наша среќа, љубовта кон тоа што го работиме успеа да се рашири насекаде преку компјутерските екрани, па денес ја имаме среќата да сме побогати со многу лежерни читатели. За да го почнеме блогот клучна беше зависноста од социјални медиуми. Сите три почнавме од рано да ја користиме тогаш новата социјална мрежа Pinterest. Таму си ги гледавме инспирациите и сфативме дека сме многу компатибилни во изразот на стилот. Една цела вечер се допишувавме на „Твитер“ за фустаните на оскаровската ноќ, и кратко после тоа решивме да се најдеме во живо и да направиме блог со лежерни инспирации. Средбата беше на 3. март, пред три години-ни изјавија блогерките во интервју за stylist.mk.
Називот Skopje Casual настанал како резултат на мал „брејн сторминг“, каде што овие два зборови (Скопје и кежуал) биле заедничка нишка на сѐ што сакале да постигнат. Најпрво почнале да го полнат блогот со инспирации, фотопостови со различнен поглед на едно парче, боја, стил или тренд. Тие сè уште се најприсутниот тип на постови, иако во меѓувреме го збогатија блогот со репортажи од настани, слики со нивен стил, интервјуа, стилот на луѓето во Скопје. Често црпат инспирација од странските блогови. Често се дел од различни креативни проекти, поврзани со филм, музика и фотографија.
Нема коментари