По објава на повеќе од 752 постови, две награди за најдобар моден блог, еден куп испиени кафиња и фотографирања, 716 денови подоцна, популарниот блог Skopje Casual на 3. март во скопскиот локал „Цреша“ слави две години од основањето. Сандра Христов, Ива Дујак и Калина Зографска – трите девојќи што стојат зад овој моден проект, ги канат своите верни следбеници на роденденска забава, со почеток во 21 часот, каде што за добрата музика ќе се погрижи диџеј Гоце САФ. Напоменуваат дека дрескодот е колоритен, со бои инспирирани од овошјата.
-Двегодишната радост би сакале да ја споделиме со сите оние кои досега се сретнале со Skopje Casual, без разлика дали се наши читатели, пријатели, твитерџии, фејсбукџии или едноставно сакаат лежерна мода. Среќни сме што диџеј Гоце САФ повторно ќе ни пушта одлична музика, сигурни сме дека ќе има многу шизење и одлични фотки од забавата. Сите лежерни луѓе, расположени за забава, ги покануваме да се облечат во весели, овошни бои и да дојдат во барот „Цреша“ на 3. март! Вашето присуство можете да ни го најавите на „Фејсбук“ – велат тие.
Гледано наназад, кога го основале блогот не се надевале на голема популарност и успех. Велат дека „идејата за Skopje Casual се родила многу спонтано и блогот уште од почеток го водат за свое лично задоволство и инспирација, па така никогаш не ни помислувале на некоја голема популарност“.
- За наша среќа, љубовта кон тоа што го работиме успеа да се рашири насекаде преку компјутерските екрани, па денес ја имаме среќата да сме побогати со многу лежерни читатели. За да го почнеме блогот клучна беше зависноста од социјални медиуми. Сите три почнавме од рано да ја користиме тогаш новата социјална мрежа Pinterest. Таму си ги гледавме инспирациите и сфативме дека сме многу компатибилни во изразот на стилот. Една цела вечер се допишувавме на „Твитер“ за фустаните на оскаровската ноќ, и кратко после тоа решивме да се најдеме во живо и да направиме блог со лежерни инспирации. Средбата беше на 3. март, пред две години-објаснуваат тие.
Називот Skopje Casual настанал како резултат на мал „брејн сторминг“, каде што овие два зборови (Скопје и кежуал) биле заедничка нишка на сѐ што сакале да постигнат. Велат дека и „денес да се сретнеат, пак би се одлучиле за истото име“.
-Најпрво почнавме да го полниме блогот со инспирации, фотопостови со различнен поглед на едно парче, боја, стил или тренд. Тие сè уште се најприсутниот тип на постови, иако во меѓувреме многу научивме и збогативме: репортажи од настани, слики со наш стил, интервјуа, стилот на луѓето во градов. Двете години ни поминаа многу брзо…Често црпиме инспирација од странските блогови. Сè уште ни се омилени тие што ни беа во почетокот. На Сандра фаворит ѝ е Garance Dore, на Ива Natalie Suarez, а на Калина Jessica Quirk. Можеби во меѓувреме заедничка омилена ни стана Andy Torres.
Често се дел од различни креативни проекти, поврзани со филм, музика и фотографија.
- Навистина ни е мило кога имаме можност блогот да го „изнесеме“ надвор од рамките на интернетот и во живо да се дружиме со луѓе кои ги споделуваат нашите лежерни гледишта. Учеството во сите досегашни проекти било базирано на наша цврста верба во тие проекти, па затоа можеме да кажеме дека сите ни се искрено многу мили и се радуваме на сите соработки со брендовите и домашните дизајнери. Сепак, најголема гордост досега ни се „Филмскиот бутик“, кој веќе две години по ред го организираме со Tiiit Inc. како и првата модно-блогерска средба која ја организиравме минатата година.
Двапати беа избрани за најдобар моден блог. Велат дека наградите за нив се само уште еден дополнителен мотив да продолжат напред со уште повеќе сили.
-Среќни сме што имаме голема поддршка и иако не го одржуваме блогот за да добиваме награди, самите луѓе кои гласале нè мотивираат да продолжиме понатаму со исто темпо и со уште понови идеи и поинтересни содржини. Наградите ни значат, особено што се признанија од самите читатели, но сепак кликовите и коментарите на блогот се тоа што нѐ движи секојдневно… По роденденот продолжуваме со истата мисија, да ја шириме лежерноста во Скопје и Македонија. Подготвуваме интересни нови типови на содржини, но и ќе ги задржиме оние кои досега се покажале како успешни. Како и секогаш, одиме лежерно со промените па така, наместо да даваме големи најави, ќе ве поканиме редовно да нѐ читате-велат Ива, Калина и Сандра на крајот.
Нема коментари