Оваа предновогодишна сезона дизајнерката Силвија Михалјовска од модниот бренд „Алшар“ претстави зимска колекција со елементи на драма и свеченост, серија на креации кои се движат од бела кошула до топол капут, a некои од нив во моментов се на попуст во нејззниот продажен простор на „Ленинова“ во центрот на Скопје. Меѓу креациите од оваа Black Label колекција се издвојуваат зимски фустани со асиметрична должина, кимоно-фустани од свилено кадифе, сиви капути со нагласена асиметрична јака, фустани во снежно бела боја, облека доукрасена со нитни, патенти и ланци, модели досликани во боја во сликарски манир, а кои се препозналивост во нејзиниот моден израз. Силвија во рамките на својот бренд „Алшар“ претставува неколку колекции годишни кои потоа се достапни во нејзиното продажно ателје. „Алшар“ таа посветено го развива 13 години, но нејзините почетоци во модата датираат од претсходно и нејзиниот креативен порив за мода го лоцира уште на училишна возраст. -Можеби нескромно, но уште од мала знаев што сакам да бидам. Сѐуште чувам цртежи од основно училиште со цели модни колекции. Школувањето го продолжив во средното училиште за применета уметност „Лазар Личеновски“ на отсекот мода-облека и текстил, потоа на Факултетот за ликовна уметност на отсекот сликарство и мода. Модата е област каде што постојано има нови правци и начини на работа што значи и дека постојано се учи нешто ново и се надградува знаењето. Официјално, тринаесет години имам сопствен моден бренд кој постојано се развива, а од почетоците до денес евидентно напредува во секоја смисла. Неодамна на настанот Expo 30 претстави колекција со која на симболичен начин се наврати на сопствените дизајнерски кодови. Кои се тие најпрепознатливи знаци во твоите креации и што е најкаракеристично во твојот дизајнерски стил? -На мое големо задоволство учествував со ревија на Expo 30 како дел од 10 најдобри македонски дизајнери, претставувајќи се со креации типични за мојот дизајнерски израз. Тоа подразбира волумен, асиметрични и архитектонски кроеви, метални детали- нитни, копциња и патенти и многу рачно досликани креации инспирирани од моите омилени сликари. Новата зимска колекција од линијата Black Label ја промовираш овој предновогодишен период. Што таа содржи и дали има доза на свеченост која се очекува овој месец? -Оваа сезона направив поексклузивни креации за зимската Black Label колекција, што подразбира уникатност и врвен квалитет во дизајнот, материјалите и изработката. Креациите се изработени од свила, кадифе, брокат и волна, надополнети со метални детали и рачно сликани елементи, секако со доза на драма и свеченост како за овој период на годината. Периодов континуирано откриваше по неколку фотографии од колекцијата, кои се личностите од новата кампања и како тие ја рефлектираат твојата дизајнерска естетика? -Новата колекција ја фотографиравме во преубавиот амбиент на Чифте амам (Национална галерија Чифте амам) со моите прекрасни пријателки Тања Мур (маркетинг манаџер), Билјана Киријазова-Бахарудин (балерина и сопственик на „Асеана ројал спа“) и Марија Кочкова (ракометарка), три инспиративни личности од различни генерации, кои се пример за негувани жени кои се грижат за себе и промовираат здрав начин на живот со спортување, правилна исхрана и негување на духот и телото. Ретка си од домашните креатори кои дизајнира и создава неколку колекции годишно и потоа успешно ги продава. Кој е ритамот со кој дизајнираш и на што се должи твојот успех? -Имам продажен простор отворен за моите клиенти, поради тоа е неопходно постојано и често создавање на нови колекции следејќи ги промените и трендовите во секоја сезона. Потребата да се создава постојано нешто ново и оргинално ја има секој креативиц, а додатно на ова пазарот и конкурентноста го наметнуваат овој начин на работа кој навистина бара огромна посветеност. Кои се работите што те инспирираат? Секој креативец, уметник, дизајнер го збогатува својот универзум преку разни форми на интерес од светот на музиката, сликарството, филмот, литераурата… Што тебе те инспирира и предизвикува при креирањето? –Како сликар по професија инспирацијата најмногу ја наоѓам во сликарството, во сликите на Густав Климт, Џексон Полок и особено во посовремените сликари како Кит Харинг, Жан Мишел Баскијат и графити артисти како Бенкси. Сврзана сум со супкултурата, панкот и алтернативната и електронската музика, а инспирација пронаоѓам и во јапонската традиционална облека и во нашето македонско поднебје и култура. Што за тебе претставува „Алшар“ после толку години работа? Каде го гледаш својот бренд во иднина? -Се надевам дека како и досега, мојот бренд и поматаму ќе се развива и ќе создавам прекрасни колекции и креации кои ќе направат задоволни многу жени.
Нема коментари