Кога ја прашавме новинарката Силвана Жежова кои парчиња според нејзе се must have оваа сезона, ни рече дека типува на моделите со кои штотуку го збогатила и својот имиџ. Жежова, која долги години ги следи модните случувања кај нас, во својот секојдневен изглед оваа зима ги вбројува: белиот шал, шамијата во темноцрвена боја, чизите со крзно, џемперите и стилизираните чорапи. Истите топло ги препорачува во топ-5 листата за модели без кои не може да се замисли оваа зима.
1. Бел шал
Белото ја потенцира убавината на жената, а шалот ја топли! Истовреме асоцира на зима со многу снег и како моден детаљ, совршено се вклопува во таа идила. А, жената со бел шал околу врат, потсетува на снегулка која е подготвена за сите зимски лудории. И умее да ужива во нив. Белиот шал, воедно го буди и детето во нас.
2. Шамија во темноцрвена боја
Оваа сезона, во тренд е темноцрвена (бордо) бојата. И е одлично освежување во гардероберот во кој преовладуваат земјените, топли бои. Доколку немате парче гардероба во оваа боја, тогаш шамијата е одлично решение. Можете да ја вклопите во повеќе комбинации и истовреме да бидете во тренд. И во овој случај се потврдува дека, ѓаволот е во деталите.
3. Чизми со крзно
Не сум некој фанатик на чизми во чиј надворешен изглед премногу преовладува крзното. Но, го сакам како детаљ кој го „освежува“ моделот. Тие се одличен избор за носење кога надвор е премногу студено, а посебно ако има снег. Ми се чини, само што ги гледам и ми е потопло. Ми создаваат чувство дека тој што ги носи, ја донел планината со сета нејзина зимска убавина, во градот!
4. Џемпери
Планинска куќичка, камин, црвено вино. Седите на под облечени во топол џемпер со зимски мотиви. Топло ви е на душата и на телото. Овие џемпери изгледаат шик и за нив нема тренд. Едноставно се безвремени кога станува збор за зимска гардероба. Нешто како црн фустан за на коктели. Така и џемперот за во зима!
5. Чорапи
Дизајнираните хулакопки и чорапи можат да ја разбијат монотонијата на облекувањето во зима. Како интересен моден додаток, можат да направат вистинска трансформација на изгледот на чизмите, односно комплетниот аутфит на нозете. Плетени и дизајнирани со различни мотиви убаво е да се имаат за во различни прилики.Ако имате долги нозе, уште подобро!
Нема коментари