Шестото издание на Фестивалот за електронска музика и медиумска уметност, „Де:сонанц“,ќе се одржи од 22 до 25 октомври на различни локации во Скопје. Фестивалот ќе биде отворен на 22 октомври во 20 часот, во Кинотека на Македонија со прикажување на најдобрите музички видеа од Германија за 2014 година, кои пред неколку месеци беа премиерно претставени на Фестивалот за краток филм во Оберхаузен. Освен тоа, публиката ќе има можност да проследи селекција од 13 популарни, експериментални, политички и субверзивни, но пред сè забавни видеа од изминатите 15 години, кои се издвојуваат наспроти едноличноста на стандардните музички видеа направени за телевизиски потреби.
-Музичката програма на фестивалот ќе започне истата вечер на полноќ во „Капан ан“ со програмата BTKRSH Night, која се реализира во соработка со колективот BTKRSH, еден од најактивните и најиновативните електронски музички колективи во земјава. Со свои сетови ќе се претстават германските артисти Opium Hum чии фантастични звучни пејзажи проширени со длабоки и менливи ритми создаваат состојба што може да се опише како „буден сон“ на кој совршено ќе се надоврзат мрачните и моќни техно звуци на Ancient Methods. Секако вечерта не би била комплетна без сетовите на Марчин и Андреас Херц од BTKRSH специјално подготвени за ова фестивалско издание, како и без визуелизациите на веќе реномираното виџејско дуо од Скопје „Лејзи Кидс Вижуалс“ (Lazy Kidz Visualz) кое ќе се погрижи за визуелниот израз на настапите-велат од „Де:сонанц“.
На 23 октомври во Отвореното графичко студио во Музејот на град Скопје сите фанови на берлинската музичка сцена ќе имаат единствена можност да ја проследат презентацијата на еден од нејзините најактивни и најпрогресивни членови Михаил Штангл алијас Опиум Хам, кој е иницијатор на резидент вечерите во Berghain – “N≠E” (“Not Equal”), ко-организатор на забавите Leisure System, водител на Boiler Room, ко-куратор на фестивалот CTM. Тој несебично ќе ги сподели своите искуства со локалните артисти, колективи и фанови. Главната и последна фестивалска вечер ќе се одржи на 25 октомври во клубот „Станица 26“, каде што покрај настапите на локалните артисти Томи Бојаџи и Ултериор ќе имаме несекојдневна можност да го проследиме концертот на еден од најактуелните и најпопуларни бендови од Германија, триото „Бранд Брауер Фрик“ кое ја фасцинира публиката ширум светот со својот уникатен звук добиен со симбиоза на класични инструменти и електроника. Нивната музика е провокативна, понекогаш и контрадикторна, не може да се опише, но грандиозна е кога ќе се доживее. На следниот линк може да се проследи дел од еден неодамнешен настап на триото.
Фестивалот го организираат Гете-институт Канцеларија за врски, Скопје и НВО Домино, а новина е приклучувањето на колективот BTKRSH кон фестивалскиот тим.
Нема коментари