Мапа на Скопје поделена на своите маала, стилизирани исписи со Камени Мост, еден малку поинаков нацрт на градот, слатки тулумби, 9-ка за Кобра, ,„Градот убав пак ќе никне“… и уште неколку асоцијации на Стоковна куќа Мост, Делфина, Македониум, Бушава азбука се испечатени на маичките на новиот скопски бренд за облека „Шизик на ризик“ (Sheezick na Reezick). Креиран да поттикне храбри умови, зад брендот именуван по познатата ретро изрека, стојат двајцата шизици и креативците од брендинг агенцијата „Зип Зап“, Сташа Шаровиќ и Божо Павковиќ, кои преку своите дизајни нудат уникатен дизајн, поврзување со едно безгрижно Скопје, страст за живеење по скопските улици и желба да се биде свој и поразличен од другите.
„Шизик на ризик“ му се откри на Скопје и на светот пред неполн месец, отворајќи ја онлајн продавницата на која има супер кул понуда за секој шизик, а богами и за шизика, во првиот бран тоа се машки, женски и детски маици, постери и торби со живописни принтови. А пакувањето е посебно изненадување…
Пoдготвен е и едиторијал, снимен еден топол јулски ден по празните скопски улици и влезови со фотографот Филип Кондовски, а Филип М. (Моделс Ин), Филип A. (Моделс Ин), Драгана и Александар се new sheezicks on the block
„Шизик на ризик“ има своја дигитална дестинација (http://www.sheezicknareezick.com), a наскоро ќе добие и реална адреса. За Stylist.mk, Сташа и Божо раскажуваат за оваа нова модно-урбана приказна.
Што е „Шизик на ризик“?
Дизајнерски моден бренд од Скопје, наменет за смели дечки и девојки кои се подготвени да ги бркаат своите соништа и тогаш кога нема никој кој се клади на нив.
Тоа е да веруваш во себе и своите корени. Тоа е офроад трка. Тоа е ризик вреден да се преземе.
Шизик на Ризик е ДОО. 100% приватна иницијатива.
Творците на „Шизик на ризик“
Двајца луѓе, еден сон и две години напорна работа
Мотив и инспирација за лансирање на брендот
Звучи глупо и „отрцано“, но инспирацијата ни е овој Град… и еден симбол, урбана легенда, сенка, „прича“, сленг од едно друго време кое полека исчезнува. Легендата за тој дечко, кој никој не го видел, но сите го знаат, носи едно универзално ветување – дека секој може да успее кога силно верува. A мотивот? Мотивот ни е да покажеме дека ако можеме да успееме тука можеме секаде
Концептот на брендот и философијата на streetwear облека чија философија гравитира околу ретро изреката Шизик на ризик и носталгичната идеја за безгрижно Скопје
СХЗК е дизајнерски моден бренд кој развива премиум производи во лимитирани серии. Бленд од локалното и светското со „твист“ помеѓу. Повеќе од парче облека. Посебност, отвореност и менливост. Некаков урбан камелон кој талка по светот и времето, незаборавајќи од каде е и кој е.
Скопје како инспирација
„Шизик на Ризик“ е скопјанец. А Скопје е посебен феномен. Како и секој друг град. Скопје се луѓето, зградите и улиците. Тоа се „лендмарксите” кои во голем дел нè инспирираа изминативе години. Од таму започнува приказната.
Од што се состои првата, лансирачка колекција на „Шизик на ризик“?
Од две години работа и милион соништа. По пат собрани куп мемории, приказни, погледи кои полека исчезнуваат и се заменуваат со други, индивидуи кои нè испирирале, ликови и моменти кои не се забораваат. Резултатот е првата серија на маици, кај кои посебен акцент е ставен на дизајнот на апликацијата, на приказната која дизајнот ја раскажува и на финишингот на продуктот. Иако сериско, производството предвидува лимитирани количини од одредени дизајни, a веќе се во развој и други производи кои ќе ја прошират палетата на производи кон урбани модни додатоци. Колекцијата маици ја следат торби и постери, како и линија на дизајнерски сувенири директно посветена на градот Скопје. Оваа линија производи ќе ја задоволи потребата на скопјани со стил да го носат на себе името на својот град или со гордост да подарат некому дел од нивното Скопје.
Модна публика што ќе ја привлече брендот и колку новите шизици ќе ги препознаат мотивите на дизајните
Дизајните се тоа што нè разликува. Тие или комуницираат или не. И ја одредуваат публиката. Но, што е уште побитно е дека овој бренд им се обраќа токму на оние кои ги живеат годините кога се сонуваат луди соништа, кога се посакуваат најнезможните нешта, кога се верува до максимум во својата идеја, и кога најлошиот избор е да играш на сигурна карта. Токму тогаш преземаш ризик со насмевка на лицето и тргнуваш по сонот кој те води.
View this post on Instagram
SKP Panorama, men’s, women’s & kids t-shirt / SHZK4Skopje A post shared by Sheezick na reezick (@sheezicknareezick) on
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари