Ѕвонарки, кошули со шилести јаки, струкирани кожени јакни, свилени комбинезони, тесни елеци, чизми над колена, шарени комбинации, големи очила и шешири се само дел од модните парчиња што произлегоа од една од најтурбулентните декади во модата- 70-тите. Голем дел од овие парчиња добија нови интерпретации во современата мода. Изминатите неколку сезони 70-тите провејуваат како инспирација во линиите на повеќе дизајнерски куќи, а ја среќаваме и во многу филмски и ТВ проекти. Освежена со нови бои, подобрени кроеви, без притоа да ја изгуби автентичноста, модата од лудите 70-ти ја комплетира приказната и во новата серија на HBO, „Винил“ која почна да се прикажува на 14 февруари.
Станува збор за музичка серија зад која стојат Мартин Скорсезе, Мик Џегер и Теренс Винтер. Приказната се одвива во Њујорк во 1973 година и го прикажува музичкиот бизнис преполн со дрога и секс во времето на раѓањето на панкот, диското и хип-хопот. Серијата се прикажува преку очите на директорот на една дискографска куќа, Ричи Финестра, кого го игра Боби Канавале. Тој се обидува да ја спаси својата компанија и својата душа без да ги уништи сите што му стојат на патот. Покрај него во шоуто се појавуваат Оливија Вајлд, Реј Романо, Макс Касела и други.
Костимите за првата епизода ги направил Марк Бриџис, а за игледот на актерите наредните епизоди се грижи познатиот Џон Дан, кој има работено на низа успешни пректи како сериите Boardwalk Empire и Mad Men, како и филмовите Broken Flowers, Pineapple Express, Casino и други. Тој живеел во Њујорк во 70-тите години, што му ја олеснило работата. Се наваратил на своите сеќавања за модата во тој период и им дал нов живот на култните парчиња.
Нема коментари