Серџо Роси, основачот на истоимениот бренд за луксузни чевли, умре на 85-годиша возраст од последиците на коронавирусот. Легендарниот италијански дизајнер беше хоспитализиран во болница со Чезена на северот на Италија, каде што почина на 2 април. „Неговата смрт е огромна загуба за нашата заедница“, рече Лусијана Гаргулија, градоначалничка на општина Сан Мауро Пасколи, родното место на дизајнерот.
„Тој ги сакаше жените и успеваше да го прикаже феминизмот на оригинален начин. Никогаш не претеруваше, секогаш имаше добар вкус. Неговите чевли секогаш беа носливи, а тој не беше среќен додека не го добиеше совршениот производ. Чевлите за него не беа само моден додаток. Тој еднаш ми рече дека сака да создаде совршено продолжување на ногата на жената“, изјави Рикардо Скјуто, извршен директор на брендот Серџо Роси.
Серџо остави огромен белег на светската мода со својата долгогодишна работа. Роден во семејство на чевлари, го научил занаетот од неговиот татко и во 1951 година ја отворил својата прва продавница во родниот град Сан Мауро Пасколи. Италија, особено регионот каде што порасна, е светски познат по својата исклучителна традиција во модата, а Серџо го комбинираше наследството на татко му со големиот талент за дизајн и низ годините се етаблира како еден од водечките дизајнери на модни додатоци. Освен преку сопствениот бренд, креативно се изразуваше и преку дизајнирање чевли за познати модни брендови како Долче и Габана и Версаче.
Допадливиот и гламурозен стил на Серџо ги освои славните дами кои обожаваат неговите женствени креации да ги носат на црвенио килим, како и во приватниот живот. Со години негови креации носат Ријана, Ева Мендес, Тејлор Свифт, Адријана Лима и Никол Киддман, како и голем број на модни инфлуенсери.
Љубовта кон дизајнот на чевли ја пренесе и на својот син Џанвито, кој исто така има свој успешен бренд. Џанвито на Инстаграм му се обрати на својот татко со трогателна последна порака „Адио маестро“.
Нема коментари