За време на модната недела во Париз, која тукушто почна, вниманието на моднaта јавност е насочена кон едни најважните париски модни куќи – „Сен Лоран“, „Диор“ и „Ланвин“, од повеќе причини, но најмногу затоа што ќе презентираат колекции со своите нови креативни директори. Затоа, внимание!
Диор
Кој? Марија Грација Кјури (52), Италијанка, поранешен уметнички ко-директор во модната куќа „Валентино“.
Модно наследство: таа и нејзиниот партнер во „Валентино“, Пјерпаоло Пичоли, внесоа креативна свежина и ја оживеаја римската модна куќа основана од Валентино Гаравани, претставувајќи секоја сезона нова сензуална и поетска колекција, со театрална, но современа силуета.
Предности: нејзиното чувство за висока мода стекнато кај „Валентино“, и тоа што е жена – за прв пат во историјата на куќата на Кристијан Диор – чии очи може да бидат попрагматични од оние на нејзините претходници.
Предизвик: таа во куќата пристигнува по краткиот ангажман на талентираното дуо Луси Маер и Серж Руфо, особено по заминувањето на Раф Симонс, чиј елегантен стил и авангарден поглед успешно ја претставуваа елеганцијата на „Диор“ во дваесет и првиот век.
Сен Лоран
Кој? Ентони Вакарело (33), Белгиец, основач на истоимениот претапорте бренд, кој го стави на мирување поради работата во „Сен Лоран“
Модно наследство: Кариерата ја почна во 2006 година, мошне успешно и како добитник на големата награда на жирито на Модниот фестивал во Иер, Франција во 2011 година. Покрај работата на својот бренд, забележан беше и неговиот ангажманот како главен дизајнер на Versus, помладата сестра на „Версаче“, во периодот помеѓу 2015 и 2016 година.
Предности: неговите графички и софистицирани линии, неговата визија за секси жена, но никогаш не на вулгарен начин, креациите со припиена силуета и неговото чувство за машко-женски стил кој совршено одговара на духот на Ив Сен Лоран.
Предизвик: не е лесно да се продолжи онаму каде што заастана Хеди Слиман, кој го разбуди брендот и драстично ја зголеми продажбата. (Вакарело вчера ја претстави првата колекција за „Сен Лоран“, подоцна ќе ве информираме дали успешно го заврши предизвикот)
Ланвин
Кој? Бушра Жарар (46), Французинка, основачка на истоимена модна куќа, која во моментов е затворена
Модно наследство: по дваесет години работа во сенка од најголемите, таа ја отвори својата couture модна куќа во 2010 година и се етаблира како претставник на новиот француски шик.
Предности: нејзината смисла за висока мода и префинетост, нејзиниот прецизен и беспрекорен шик стил, вкус за суптилна женственост, квалитети кои може да се одразат на жената „креирана“ од основачката Жан Ланвин.
Предизвик: да се успее по Албер Елбаз, чие заминување од „Ланвин“ го растажи целиот моден свет. Но, и таа како него ужива силна емотивна поддршка.
Нема коментари